• понеделник, 31 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

ЕУ и Индија поддржуваат праведен и траен мир во Украина и мировно решение за Блискиот Исток по моделот две држави 

ЕУ и Индија поддржуваат праведен и траен мир во Украина и мировно решение за Блискиот Исток по моделот две држави 

Брисел, 28 февруари 2025 (МИА) - Клучните меѓународни и регионални прашања, вклучително и ситуацијата на Блискиот Исток и војната во Украина, беа меѓу темите за разговор на денешната средба во Њу Делхи на индискиот премиер Нарендра Моди и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. 

- Тие изразија поддршка за праведен и траен мир во Украина заснован на почитување на меѓународното право, принципите на Повелбата на ОН и територијалниот интегритет и суверенитет, се наведува во соопштението од средбата Моди-Фон дер Лајен. 

Двајцата лидери ја повториле и својата посветеност на визијата за мировно решение за Блискиот Исток според моделот за две држави - Израел и Палестина, кои ќе опстојуваат една покрај друга во мир и безбедност во признатите граници согласно со меѓународното право. 

Фон дер Лајен ја предводи делегацијата на Европската комисија која вчера и денеска престојуваше во посета на Индија.   

Во соопштението се додава дека Моди и Фон дер Лајен изразиле уверување оти оваа „значајна посета“ ќе означи почеток на ново поглавје во историјата на односите и ја потврдиле својата посветеност за понатамошно проширување и продлабочување на Стратешкото партнерство меѓу Индија и ЕУ.  

Моди и Фон дер Лајен се договориле да работат на склучување на Договорот за слободна трговија до крајот на годината, зајакнување на соработката меѓу одбранбените индустрии, во истражувањето, во сферата на полупроводниците и другите критични технологии и во справувањето со катастрофи и зајакнувањето на подготвеноста и капацитети за одговор и координација при елементарни непогоди. 

Двајцата лидери се заложиле и за подобрување на дијалогот за чиста и зелена енергија меѓу владите и индустријата, со фокус на зелениот водород, како и за зајакнување на соработката во Индо-пацифичкиот регион, вклучително и преку трилатерални проекти за соработка. 

- Тие со нетрпение очекуваат следниот Самит ЕУ-Индија да биде организиран во Индија во најрано заемно погодно време и да биде усвоена нова заедничка стратешка агенда, се додава во соопштението. 

Во рамки на посетата на европската делегација на Њу Делхи, покрај серијата билатерални средби меѓу еврокомесарите и ресорните индиски министри, се одржа и заедничка седница на Европската комисија и Владата на Индија, како и вториот Совет за трговија и технологија ЕУ-Индија (ТТЦ). сп/ 

Фото: ЕБС 

Остани поврзан