• среда, 25 декември 2024

ЕУ и амбасадорите на земјите од Квинта се загрижени поради одземањето на деловната лиценца на Клан Косова

ЕУ и амбасадорите на земјите од Квинта се загрижени поради одземањето на деловната лиценца на Клан Косова

Приштина, 29 јули 2023 (МИА) - Европската Унија и амбасадорите на земјите од Квинта групата акредитирани во Косово ја изразија својата загриженост поради одлуката на Министерството за индустрија, претприемништво и трговија да ја укине дозволата за деловно работење на ТВ Клан Косова.

Тие оценија дека тоа може да има последици за медиумскиот плурализам во Косово.

ЕУ и Квинта, која ја сочинуваат САД, Велика Британија, Германија, Франција и Италија, најавија дека очекуваат фер и транспарентен процес за решавање на ситуацијата.

„Многу сме загрижени што одземањето на деловната лиценца на Клан Косова е непропорционална одлука која ќе има последици за медиумската плуралност во Косово. Одземањето на лиценцата на кој било медиум е важен чекор кој бара ригорозно разгледување. Слободата на изразување и информирање се суштински карактеристики на демократските општества“, се вели во заедничката изјава.

Министерството за индустрија, претприемништво и трговија вчера соопшти дека Комисијата за разгледување жалби за регистрација на фирми ја одбила жалбата на Клан Косова на одлуката за суспендирање на деловниот сертификат на оваа телевизија и дека сега подносителот на претставката може да поднесе тужба до судот бидејќи предметот е затворен во рамките на Министерството. ссм/

фото: архива

Остани поврзан