• петок, 27 декември 2024

ЕУ: Иранските власти веднаш да престанат со изрекувањето и извршувањето на смртните казни

ЕУ: Иранските власти веднаш да престанат со изрекувањето и извршувањето на смртните казни

Брисел, 9 јануари 2023 (МИА) – Генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи, Стефано Санино во име на високиот претставник на ЕУ за надворешни работи, го повика денеска иранскиот амбасадор во ЕУ, Хосеин Дегани за да му го повтори силното незадоволство на Брисел поради егзекуцијата на 7 јануари на Мохамад Мехди Карами и Сејед Мохамад Хосеини.

Санино го пренесе апелот на Унијата до иранските власти веднаш да престанат со практиката на изрекување и извршување на смртни казни за демонстрантите, веднаш да ги поништат неодамнешните смртни казни веќе изречени во контекст на тековните протести и да обезбедат правилен процес за сите затвореници, соопштено е од Европската служба за надворешни работи.

– ЕУ цврсто и принципиелно се противи на примената на смртната казна во секое време и под сите околности, рече Санино и нагласи дека прашањата за човековите права се во сржта на внатрешните и надворешните односи на ЕУ и дека ЕУ и нејзините земји – членки остануваат обединети во нивниот одговор на акциите на Иран.

Мохамед Мехди Карами и Сејед Мохамад Хосеини се уапсени и осудени на смрт за убиство на припадници на безбедносните сили за време на протестите во Иран, соопшти претходно иранското правосудство.

Активистите за човекови права претходно соопштија дека најмалку 10 лица во Иран биле осудени на смрт на сослушувања зад затворени врати поради нивната вмешаност во протестите.

Според активистите за човекови права, најмалку 516 демонстранти се убиени, а повеќе од 19.000 луѓе се уапсени за време на протестите во Иран кои започнаа на 16 септември, кога курдската девојка Махса Амини почина под неразјаснети околности во притвор откако беше приведена од полицијата поради непрописно носење хиџаб. рп/

Остани поврзан