• четврток, 26 декември 2024

ЕУ го одбележува Европскиот ден на сеќавање на жртвите на тероризмот 

ЕУ го одбележува Европскиот ден на сеќавање на жртвите на тероризмот 

Брисел, 11 март 2024 (МИА) - На Европскиот ден за сеќавање на жртвите на тероризмот им оддаваме помен на сите жртви на терористички напади, без разлика дали се на територијата на ЕУ или надвор од европските граници, соопшти Европската комисија по повод Европскиот ден на сеќавање на жртвите на тероризмот - 11 март. 

- Оваа година овој ден има посебно значење бидејќи ја одбележуваме годишнината од нападот во Мадрид пред две децении. Споменот на жртвите ќе живее. Тоа ќе послужи како потресен потсетник за трајното влијание на тероризмот, се наведува во изјавата. 

Еврокомисијата натаму наведува дека со непоколебливо единство ги брани вредностите на ЕУ за мир, почитување и солидарност и нема да дозволи терористите да внесат страв и омраза во европското општество.  

- Комисијата останува решителна во својата посветеност за борба против тероризмот. Во 2020 година, Комисијата предложи антитерористичка агенда со цел ЕУ подобро да ги предвиди, спречи, да се заштити и да одговори на терористичките закани. Оттогаш, е постигнат голем напредок, особено во справувањето со ширењето на терористички содржини на интернет. Отстранувањето на овие содржини, вклучително и на снимките од напади објавени на интернет, е клучно за заштита на достоинството и благосостојбата на жртвите и за спречување на радикализација, посочува Еврокомисијата.  

Во изјавата се потсетува дека од декември 2023 година по стапувањето во сили на Регулативата на ЕУ за онлајн терористички содржини, изречени се повеќе од 300 наредби за отстранување терористички содржини на интернет.  

- Но, борбата против тероризмот значи и да се застане зад неговите жртви. Комисијата е силно посветена да ги поддржи жртвите додека тие ги обновуваат своите животи. Според Стратегијата на ЕУ за правата на жртвите (2020-2025), ние признаваме дека на жртвите на тероризмот им е потребна специјализирана поддршка и заштита. Преку иницијативите, како што е Центарот за експертиза на ЕУ за жртви на тероризам, обезбедуваме ефективна примена на правилата на ЕУ за правата на жртвите и ја подигаме свеста за правата и потребите на жртвите на тероризмот, се додава во изјавата.  

Европската комисија нагласува дека дополнително со Мрежата за подигање на свеста за опасноста од радикализација, ЕУ гарантира дека гласот на жртвите на тероризмот ќе се зема предвид при европскиот одговор на терористичките закани. 

- На овој ден на сеќавање ја реафирмираме нашата решеност за поддршка на жртвите и поттикнување на инклузивни и отпорни општества, се заклучува во изјавата на Европската комисија. 

Европскиот ден на сеќавање на жртвите на тероризмот е воспоставен по серијата од четири бомбашки напади врз железничката инфраструктура во Мадрид на 11 март 2004 година, при што загинаа 193 лица, а над 2000 беа повредени. Одговорност за нападите презеде исламистичката терористичка мрежа Ал Каеда. Секоја година од 2005 година, на овој ден Европската Унија се сеќава на жртвите на терористичките злосторства ширум светот. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан