• среда, 25 декември 2024

ЕУ ги продолжи мандатите на своите специјални претставници за БиХ, Косово и Јужен Кавказ

ЕУ ги продолжи мандатите на своите специјални претставници за БиХ, Косово и Јужен Кавказ

Брисел, 20 јули 2023 (МИА) - Советот на ЕУ денеска донесе одлуки за продолжување на мандатите за една година, до 31 август 2024-та. на специјалните претставници на Европската Унија за Босна и Херцеговина, Јохан Сатлер, за Косово, Томаш Шујог, и за Јужен Кавказ и кризата во Грузија, Тојво Клар.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, специјалните претставници на ЕУ ги предлага високиот претставник за наворешна политика и безбедност со цел да ги промовираат политиките и интересите на Унијата во одредени региони и земји и да и овозможат активно политичко присуство на блокот во тие области.

Јохан Сатлер е именуван за специјален претставник на ЕУ во БиХ од 1 септември 2019 година. Неговиот мандат е да обезбеди континуиран напредок во Процесот за стабилизација и асоцијација на земјата, со цел изградба на стабилна, одржлива, мирољубива, мултиетничка и единствена БиХ, која мирно ќе соработува со соседите и ќе се движи неповратно на вистинскиот пат кон членството во Унијата. 

Томаш Шујог беше назначен за европски специјален претставник за Косово на 1 септември 2020 година, со мандат да нуди совети и поддршка на ЕУ во политичкиот процес и да ја промовира севкупната политичка координација на Унијата.

Тојво Клар е именуван за специјален претставник за Јужен Кавказ и кризата во Грузија на 13 ноември 2017 година. Неговата задача е да придонесе за мирно решавање на конфликтите во регионот - кризата во Грузија и азербејџанско-ерменскиот конфликт околу Нагорно Карабах, како и да ја поттикне регионалната соработка меѓу Баку, Ереван и Тбилиси.

Во моментов, ЕУ има 10 специјални претставници. Покрај тројцата на кои денеска им е продолжен мандатот, ЕУ има специјални претставници и за дијалогот Белград-Приштина и други регионални прашања на Западниот Балкан, за Сахел, за Рогот на Африка, за регионот на Персискиот Залив, за Централна Азија, за мировниот процес на Блискиот Исток, како и за човековите права. сп/лв/

Фото: Совет на ЕУ

Остани поврзан