• сабота, 23 ноември 2024

ЕУ ги повика косовските Срби да учествуваат во пописот и на градоначалничките избори

ЕУ ги повика косовските Срби да учествуваат во пописот и на градоначалничките избори

Приштина, 9 април 2024 (МИА) – Европската унија се приклучи на повиците упатени до сите граѓани на Косово да учествуваат во пописот на населението што започна во петокот, додека Србите во четирите северни општини ги повика да гласаат и за разрешување на градоначалниците во тие општини, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во таа насока, ЕУ изрази жалење поради повиците упатени од најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ) и на други претставници на косовските Срби, за бојкот на гласањето и на пописот и ја повика СЛ да ја преиспита својата одлука да не учествува на гласањето за локалните избори закажани за 21 април.

Овие пораки, според приштинските медиуми, ги испратил портпарол на ЕУ, потсетувајќи дека „учеството на Србите од северниот дел на Косово во косовските институции е во нивен интерес и е неопходно за да се намалат тензиите во тој дел на Косово“, што беа предизвикани откако Србите ги напуштија косовските институции во ноември 2022 година.

- ЕУ жали поради одлуката на Српска листа да не учествува на изборите закажани за 21 април во четирите северни општини. Ова уследи по бојкотот на локалните избори од април 2023 година, се вели во ставот на Европската унија.

Во него се повторува дека изборите во април 2023 година, „иако беа во согласност со косовската рамка, не понудија политичко решение, бидејќи бојкотот од Србите резултираше со многу слаба излезност“.

- Ја имаме предвид загриженоста што ја изразија косовските Срби во врска со процесот на новите избори. Сепак, ја повикуваме Српска листа да ја преиспита одлуката да не учествува, се вели во синоќешната реакција на ЕУ што ја пренесоа косовските медиуми.

Во пораката од Брисел се наведува дека „демократија значи и остварување на правото на косовските Срби да го искажат својот став во гласачките кутии“.

- ЕУ потсетува дека е клучно локалните избори да се одржат во четирите општини на северот на Косово со учество на Србите без условувања. Одржувањето на нови избори за градоначалници треба да обезбеди целосно репрезентативно владеење на северот и да помогне во деескалација на ситуацијата. Гласањето за разрешување е чекор во таа насока, се вели во соопштението.

ЕУ изрази жалење и за повиците за бојкот на пописот на населението од страна на политичките претставници на косовските Срби.

- Унијата ги охрабрува сите во Косово да учествуваат на пописот, додека Агенцијата за статистики на Косово да ја интензивира информативната кампања за сите жители, вклучително и оние од немнозинските заедници, за да бидат доволно информирани за овој попис. ЕУ смета дека пописот е неопходен за многу одлуки за да се задоволат потребите на граѓаните, од ниво на влада, бизниси, граѓанско општество во Косово до меѓународна заедница, порача Брисел.иа/сд/

Остани поврзан