• сабота, 23 ноември 2024

ЕУ ги осудува кривичните постапки на Русија против обвинител и судии на Меѓународниот кривичен суд

ЕУ ги осудува кривичните постапки на Русија против обвинител и судии на Меѓународниот кривичен суд

Брисел, 22 мај 2023 (МИА) – Европската унија вечерва соопшти дека ја осудува кривичната постапка што ја покренаа руските власти против обвинител и тројца судии на Меѓународниот кривичен суд.

- Секоја акција на Русија против мандатот на МКС и обидите да се заплашат оние кои се вклучени во истрагата на МКС за меѓународните злосторства извршени во Украина се политички мотивирани, неосновани, неоправдани и неприфатливи. Тие се уште една манифестација на непочитувањето на меѓународните правила и меѓународното право од страна на Кремљ, изјави високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

Според него, Унијата „уште еднаш му дава целосна поддршка на МКС како независна и непристрасна судска институција на која и веруваат повеќе од 120 земји од сите региони во светот, за да обезбеди одговорност за најтешките злосторства“.

- Ние цврсто стоиме зад овој суд и остануваме посветени на одбраната на неговиот персонал од какво било надворешно мешање со цел да ја попречува правдата и да го поткопува меѓународниот систем за кривичноправна заштита, рече Борел.

Тој нагласи дека Унијата ги повикува „сите држави да ги бранат принципите и вредностите вградени во Римскиот статут и да бидат обединети против неказнивоста“.

Фото: МИА Архива

Остани поврзан