ЕУ ги зајакнува мерките за борба против сексуалната злоупотреба на деца
- Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ денеска го усогласи текстот на предлогот за измена на одредбите во кривичното законодавство на блокот поврзани со сексуалната злоупотреба и сексуалната експлоатација на децата.
Брисел, 13 декември 2024 (МИА) - Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ денеска го усогласи текстот на предлогот за измена на одредбите во кривичното законодавство на блокот поврзани со сексуалната злоупотреба и сексуалната експлоатација на децата.
Со предлог-измените, како што јави дописникот на МИА од Брисел, се проширува опсегот на дефиницијата на прекршоците што ќе се третираат како сексуална злоупотреба и сексуална експлоатација на децата со цел сите форми на ова насилство, вклучително и оние онлајн, да бидат третирани како кривични дела.
- Заштитата на најранливите во нашите општества - децата - мора да биде наш приоритет. Со овие нови правила, ја зајакнуваме борбата против сексуалната злоупотреба на деца, вклучително и во однос на преносот во живо на злоупотребите или користењето на вештачката интелигенција за генерирање материјал за злоупотреба, посочи унгарскиот министер за правда Бенце Тусон, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.
Според усогласените предлог-правила, земјите членки би биле обврзани како кривично дело „сексуална злоупотреба на деца во живо“ да го третираат преносот во живо на чинот на сексуална злоупотреба на деца, како и објавувањето реални слики од материјал од тој акт.
Дополнително, се предвидуваат и санкции за дистрибуција на лажни материјали на сексуална злоупотреба на деца генерирани со помош на вештачката интелигенција.
Како кривично дело ќе се третира и прекршокот за давање упатства за извршување на сексуална злоупотреба и сексуална експлоатација на деца или поттикнување на деца на активности за сексуални цели. Така, на санкции ќе подлежи и лице кое би дистрибуирало или изработило „прирачник“ што би им помагал на други да извршат сексуална злоупотреба на дете, без разлика дали станува збор за леток, книга или онлајн водич.
Со измените се превидува и зголемување на казните и за веќе постојните кривични дела на сексуална злоупотреба и експлоатација на деца. На пример, за сексуална злоупотреба на „особено ранлива категорија на деца“, како оние со попреченост, се предвидува зголемување на досегашната казна од осум на најмалку 10 години. Казната, пак, за злоупотреба на дете над возраста под која е забрането нивно вклучување во сексуални активности, се зголемува од три на пет години.
На земјите членки на ЕУ им се остава можност за регулирање на уште построги казни во нивните национални законодавства, како и за дефинирање на „возраста за сексуална согласност“, односно возраста на децата под која е забрането нивно вклучување во сексуални односи.
Измените предвидуваат и дополните санкции за вклучување во сексуален чин на деца над „возраста за сексуална согласност“, без нивна согласност, односно се наведува дека детето мора доброволно да се согласи на секс врз основа на „слободно формирана волја“ и дека во секое време може да се предомисли за дадената согласност. Доколку детето „не е во можност слободно да формира волја“, тогаш евентуално дадената согласност за сексуален чин од негова страна не се смета за валидна.
Новите одредби во законодавството имаат за цел да обезбедат поголема ефикасност во барањето правда од страна на жртвите, а предвидуваат и зголемување на роковите за застарување на сторените кривични дела поврзани со сексуална злоупотреба и експлоатација на деца.
Според Советот на ЕУ, новите правила треба да овозможат и полесно пријавување на сексуалната злоупотреба или сексуална експлоатација на деца. Земјите-членки ќе треба да се погрижат жртвите да ги пријават овие прекршоци преку безбедни и лесно достапни онлајн канали кои „користат јазик погоден за децата“.
Предложениот текст гарантира обезбедување медицинска нега за жртвите на сексуална злоупотреба соодветна на нивната возраст, како и емоционална, психолошка, психосоцијална и образовна поддршка и правен совет. Дополнително се предвидени и правила за привремено сместување и згрижување на жртвите.
Со законот се воведуваат и нови правила за компензација на жртвите на сексуална злоупотреба на деца, при што земјите членки се обврзани „да се погрижат“ жртвите да имаат право од сторителот да бараат компензација за претрпената штета.
Врз основа на денеска усогласениот став од страна на земјите членки, Советот на ЕУ сега ќе треба да започне преговори околу конечната верзија на законот со Европскиот парламент, кој се уште ги нема утврдено своите позиции во однос на предлогот.
Сегашните правила на ЕУ за борба против сексуалната злоупотреба и сексуалната експлоатација на деца беа усвоени во 2011 година, а нивната измена беше иницирана врз основа на анализите и студиите дека зголеменото присуство на децата на интернет и современиот технолошки развој создаваат нови можности за злоупотреба, како и предизвици во спроведување на законот.
Во тој контекст се работи и на подготовка на предлог кој ќе ги утврди обврските за интернет компаниите за откривање, пријавување и отстранување на материјали со сексуална злоупотреба на деца од нивните платформи. сп/
Фото: МИА Архива