• недела, 24 ноември 2024

ЕУ воспостави хуманитарен воздушен мост до градот Гома во ДР Конго

ЕУ воспостави хуманитарен воздушен мост до градот Гома во ДР Конго

Брисел, 24 август 2023 (МИА) - ЕУ иницираше нова хуманитарна операција воспоставувајќи воздушен мост за транспорт на основни продукти до градот Гома во источниот дел на Демократска Република Конго, со цел да му помогне на наслението во тој дел на оваа африканска земја каде и онака лошата состојбата постојано се влошува.

Во првата фаза на операцијата два авиони со над 180 тони производи, пред се лекови и храна, полетаа од Европа до Најроби, од каде потоа во вторникот пристигнаа во Гома. Предвидено е до крајот на август за Гома да отпатуваат уште осум авиони со хуманитарна помош.

Како што соопшти Европската служба за надворешни работи, оваа хуманитарна операција доаѓа по сличниот воздушен мост што фунционираше од март до мај годинава, со што во ДР Конго со седум летови беа транспортирани вкупно 260 тони различни продукти.

Во соопштението се потсетува дека поради судирите во ДР Конго во моментов има над 6,2 милиони внатрешно раселени лица, а уште над еден милион конгоански бегалци се сместени во соседните земји. Дополнително, хуманитарната состојба се усложнува со фактот што и во ДР Конго престојуваат над 500.000 бегалци од соседните земји.

Само во Гома и во неговата околина се блокирани речиси 500.000 внатрешно раселени лица, кои се соочуваат со недостиг на храна, вода и здравствена заштита и немаат основни санитарни услови, ниту безбедни засолништа.

Во областите на ДР Конго зафатени од конфликти и насилството околу 27 милиони луѓе се соочуваат со недостиг на храна, што претставува над една четвртина од вкупното население на земјата, а се проценува дека околу 2,8 милиони деца се хронично неухранети.

Дополнително, припадниците на милитантните групи вклучени во конфликтот постојано ги кршат човековите права и меѓународното хуманирано право, преку родово базирано и физичко насилство, сексуална експлоатација и злоупотреба, регрутирање деца војници, убиства, киднапирања, тортура, напади врз училишта и здравствени установи и грабежи. Покрај тоа, во ДР Конго беснеат и епидемии на колера, морбили, мајмунски сипаници и ебола.

Од тие причини во рамки на хуманитарните проекти финансирани од ЕУ се прават напори за обезбедување храна, сместување, основна здравствена заштита, вода и санитарни и хигиенски услови, како и овозможување образование за децата и помош на жртвите на сексуално насилство. сп/

Фото: ЕУ

 

Остани поврзан