• сабота, 23 ноември 2024

ЕУ воведе санкции кон руски физички и правни лица поради смртта на Навални 

ЕУ воведе санкции кон руски физички и правни лица поради смртта на Навални 

Брисел, 22 март 2024 (МИА) - Советот на ЕУ во рамки на Глобалниот режим на Европската Унија за санкции за кршење на човековите права денеска воведе рестриктивни мерки против 33 лица и два затворски центри во врска со „ненадејната смрт во строгата казнена колонија“ на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални. 

- Бавното убиство на Алексеј Навални од страна на режимот на Кремљ е јасен потсетник дека тој целосно не го почитува на човечкиот живот. Денешните санкции ја покажуваат нашата решеност да побараме одговорност од политичкото раководство и властите на Русија за континуираното кршење на човековите права во Русија, истакна високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел. 

Тој нагласи дека рускиот претседател Владимир „Путин не е Русија, а Русија не е Путин“, па затоа ЕУ ќе продолжи да ги поддржува „граѓанското општество и независните гласови во Русија“. 

Со новите санкции се опфатени казнените колонии каде што престојуваше Навални од јуни 2022 година, па до неговата смрт - Корективна колонија ИК-6 и Колонијата за корективна максимална безбедност ИК-3.  

- Двете колонии се познати по физички и психолошки притисок, целосна изолација, тортура и насилство врз затворениците. На двете места, Навални се соочи со малтретирање, вклучително и повеќекратен престој во самица, како и сурово, нечовечко и понижувачко постапување, што доведе до сериозно влошување на неговото здравје, се наведува во одлуката. 

Со санкциите се опфатени и првиот човек на ИК-3, Вадим Калинин и неколкумина началници во колонијата, како и судиите Андреј Суворов, кој лани го осуди Навални на 19 години затвор во колонија со специјален режим под нехумани услови, Кирил Никифоров, кој ја отфрли неговата жалба на одлуката на ИК-6 за неговото префрлање во казнена ќелија и Евгенија Николаева и Наталија Дудар, кои изрекоа голем број пресуди против политичките противници, вклучително и Навални, со што придонесоа за политичката репресија во Русија. 

На листата на санкционирани се и високи функционери во казнено-поправниот систем и Министерството за правда на Русија, одговорни за извршување на затворските казни на Навални и други политички противници или затоа што не успеале да обезбедат заштита на човековите и граѓанските права и слободи. 

Со денешната одлука, на листата на санкционирани според Глобалниот режим за санкции за кршење за човековите права сега се наоѓаат 104 физички и 23 правни лица од повеќе земји. 

Оние кои се опфатени со режимот на санкции, се предмет на замрзнување на имотот и на забрана за обезбедување средства или економски ресурси. Дополнително, на физичките лица им се забранува патување во ЕУ. 

- ЕУ е длабоко загрижена поради континуираното влошување на состојбата со човековите права во Русија. Незаконската, неоправдана и неиспровоцирана агресивна војна на Русија против Украина дополнително ја забрза внатрешната репресија во земјата, драстично ограничувајќи ја слободата на мислење и изразување, како и слободата на медиумите и воведувајќи воена цензура, се наведува во соопштението. 

Комисијата посочува дека ЕУ продолжува да го осудува сериозното проширување на рестриктивното законодавство и систематската и интензивирана репресија против граѓанското општество и заштитниците на човековите права, како и несмалената репресија врз независните медиуми, одделни новинари и медиумски работници, членовите на политичката опозиција и другите критички гласови активни во Русија и надвор од неа.

- ЕУ го повторува својот повик до Русија веднаш и безусловно да ги ослободи сите оние кои се затворени врз основа на политички мотивирани обвиненија, се додава во соопштението. сп/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан