• недела, 24 ноември 2024

Еуримаж го поддржа „Кајмак“ на Манчевски и уште два филма во кои Северна Македонија е малцински учесник

Еуримаж го поддржа „Кајмак“ на Манчевски и уште два филма во кои Северна Македонија е малцински учесник
Скопје, 22 март 2021 (МИА) - Филмот„Кајмак“ во режија на Милчо Манчевски, во кој Северна Македонија е носител на проектот, како и филмовите и копродукциите „Живи и здрави“ и „Долината на Шарко“, во кои има македонско малцинско копродуцентско учество, се поддржани од Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж, на првата сесија во 2021 година. На својата редовна 162 сесија која се одржа од 16-19 март, Еуримаж финансиски подржа 24 меѓународни филмски копродукции од вкупно 49 пријавени проекти. Во категоријата долгометражни играни филмови, Еуримаж највисоко го евалуираше проектот „Кајмак“ на Милчо Манчевски, кој е мнозинска македонска копродукција со Данска и Бугарија. Во оваа категорија е поддржан и проектот „Живи и здрави“ во режија на Иван Мариновиќ, копродукција помеѓу Црна Гора, Србија, Хрватска, Чешка, во кој Северна Македонија е малцински копродуцент. Во категоријата документарен филм исклучително висока оценка доби проектот „Долината на Шарко“ во режија на Петра Селишкар, копродукција меѓу Франција и Словенија, во кој исто така Северна Македонија е малцински копродуцент. - Поддршката за македонски филм и за два проекти во кои Македонија има копродуцентско учество е многу важно за македонската кинематографија зашто европската поддршка пристигнува и во тешкиот и неизвесен период на ковид пандемијата. Морам уште еднаш да потенцирам дека долгометражниот „Кајмак“, во кој Северна Македонија е носител и документарниот „Долината на Шарко“, во кој е малцински учесник, добија највисоки оценки при евалуацијата, во конкуренција со значајни имиња во кинематографијата како, браќата Дарден, Џесика Вудворт, Мишел Хазнавикус, Роберт Бергер, Кристина Гросан и други, истакна Татјана Ќурчинска Пепељугоска, македонски национален претставник во Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж. Таа додаде дека тоа е особено значајно поради тоа што, и покрај извонредната конкуренција, на годишно ниво се пријавуваат по 250-260 нови филмски копродукции и навистина е тешко да се добие поддршка. Од друга страна, како што наведе, финансиските средства се ограничени па често се случува дел од солидните наслови да не ја добијат финансиската поддршка. см/сп/

Остани поврзан