• среда, 18 декември 2024

„Еурактив“: Расте бројот на „руски закони“ низ земјите од некогашниот Источен блок 

„Еурактив“: Расте бројот на „руски закони“ низ земјите од некогашниот Источен блок 

Брисел, 7 октомври 2024 (МИА) - По Грузија, која веќе усвои два контроверзни закони по моделот на соодветни законски решенија воведени во Русија, слични тенденции се појавуваат и во три членки на ЕУ, кои до 90-те години на минатиот век беа дел од Источниот блок - Бугарија, Словачка и Унгарија. 

Како што наведува „Еурактив“ во ЕУ расте загриженоста дека ваквите тенденции во постсоцијалистичките држави членки ќе резултира со усвојување на закони кои не се во согласност со европската легислатива, но и со раст на влијанието на „проруските идеологии“. 

- Само неколку недели пред клучните парламентарни избори на 26 октомври, Тбилиси усвои контроверзен анти-ЛГБТК закон, кој веднаш предизвика споредби со рускиот репресивен закон за „геј пропаганда“, наведува бриселскиот портал. 

Законот предложен од владејачката популистичка социјал-конзервативна партија Грузиски сон (Коцеби) предвидува ограничување на ширењето „пропаганда за истополови врски и инцест“ во училиштата и на телевизија, како и забрана за промена на полот и посвојување деца од страна на припадници на ЛГБТК заедницата. Ова го вклучи алармот во ЕУ и меѓу организациите за заштита на човековите права, кои предупредија дека на ваков начин „строго се ограничуваат правата на хомосексуалците во земјата“. 

- Со усвојувањето на оваа легислатива, Грузија доаѓа еден чекор поблиску до рускиот сосед и подалеку од ЕУ, насока што во голема мера е во спротивност на аспирациите на огромното мнозинство на грузиската јавност, наведува порталот. 

Претходно, Грузија предизвика реакции и од страна на ЕУ и со усвојувањето на законот за т.н. „странски агенти“, со кој се бара медиумите, невладините и другите непрофитни организации да се регистрираат како субјекти што „промовираат интересите на странска сила“, доколку од странство потекнуваат над 20 отсто од средствата што тие годишно ги добиваат за финансирање.

  

Ваквото законско решение, кое беше оценето дека е изработено според рускиот „закон за странски агенти“, претставува можност за стигматизација на медиумите и организациите кои добиваат помош или поддршка од странство и за ограничување на нивната работа. 

Како реакција на овој грузиски Закон за транспарентност на странско влијание, како што му е официјалниот назив, ЕУ најави замрзнување на процесот за приближување на Грузија кон Унијата. 

Според „Еурактив“, ограничувањето на правата на ЛГБТК или на работата на независните медиуми и невладините организации, сепак не е случај само во Грузија, туку такви тенденции се јавуваат и во членки на ЕУ од Источна Европа, за што најнови примери се Бугарија и Словачка. 

Така, Бугарија во август усвои закон, предложен од националистичката проруска партија Преродба (Вазраждане), со кој во училиштата „се забрануваат секаков вид образовни програми за нетрадиционална сексуална ориентација“, иако ЕУ, Советот на Европа и невладините организации апелираа до пратениците во бугарското Народно собрание да го отфрлат ваквиот законски предлог. 

- Европската комисија е загрижена за секој развој на настаните што може да го загрози ефикасното спроведување на законодавството на ЕУ, вклучувајќи го и почитувањето на основните права содржани во Повелбата за основните права на Европската Унија, порача еврокомесарката за еднаквост Хелена Дали во писмо упатено до властите во Софија во врска со овој закон. 

Во Бугарија во предлог форма е и законско решение за „странски агенти“, со кое се предвидува третман на промотори на странски интереси да добијат медиумите или здруженијата, кои годишно добиваат над 500 евра средства од странство. Усвојувањето на ова законско решение засега останува неизвесно, пред се поради политичката криза во Бугарија, предизвикана од неможноста за формирање стабилно парламентарно мнозинство, што резултираше со закажување на седми по ред парламентарни избори во земјата во изминативе четири години, кои треба да се одржат на 27 октоври. Претходните предвремени избори се одржаа на почетокот на јуни.  

Народното собрание на Бугарија денеска без дискусија усвои декларација во која „се осудуваат антибугарските пројави во Република Северна Македонија“. Декларацијата беше поддржана од 185 прате

Во Словачка, пак, ултрадесничарската националистичка Словачка национална партија (СНС), кој е дел од владината коалиција во земјата, иницира закон се кој се прават обиди за воведување „јасна дефиниција за нетрадиционалната сексуална ориентација“ и забрана за нејзина „промоција и ширење“ во училиштата. За кршења на оваа одредба се предвидени парични казни и до 30.000 евра. 

Предлагачите на ваквото законско решение тврдат дека со него треба да се „заштитат традиционалните морални вредности на земјата содржани во Уставот“, реторика слична на онаа што ја користеше грузиската Коцеби. 

Законот засега е во фаза на предлог и неговото усвојување е одложено, пред се поради континуираните несогласувања за други прашања во рамки на владината коалиција на словачкиот премиер Роберт Фицо. 

И во Словачка беше предложен закон за „странски агенти“, според кој ваков третман требаше да добијат медиумите или невладините организации кои годишно добиваат над 50.000 евра финансии од странство. Но, по жестоките реакции на ЕУ и граѓанското општество ова предлог законско решение беше повлечено, иако според словачкиот вицепремиер Питер Кмец, Владата во „моментов работи на нов предлог“. 

Анти-ЛГБТК законски решенија и „закон за странски агенти“ се промовираат и во Унгарија, што резултираше со спор меѓу ЕУ и унгарската Влада на премиерот Виктор Орбан. 

По притисок од Брисел, владејачката партија Фидес на Орбан го повлече усвојувањето на „законот за странски агенти“, додека од друга страна Унгарија се соочува со правна постапка иницирана од Еврокомисијата во врска со анти-ЛГБТК законодавството. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан