• среда, 25 декември 2024

ЕУ не се откажува од старт на преговорите со С Македонија до крајот на годината

ЕУ не се откажува од старт на преговорите со С Македонија до крајот на годината
Брисел, 17 ноември 2020 (МИА) – Германскиот министер за Европа и претседавач со денешниот министерски состанок на ЕУ, Михаил Рот, по денешната блокада за преговарачката рамнка за земјава од страна на Бугарија порача дека ЕУ не се откажува да помогне да се надмине спорот помеѓу Скопје и Софија и до крајот на оваа година да се усвои преговарачката рамка, јави дописничката на МИА од Брисел. По осумчасовен состанок, главно посветен на буџетот на ЕУ, министрите очекувано не успеаја да ја надминат бугарската блокада за преговорите со Северна Македонија, потврди вечерва Рот. – Бугарија се осврна на една точка која ја смета за важна, рече Рот. – Минатата недела претседателството се обиде да ги приближи позициите, но не успеавме да ги убедиме да се согласат со преговарачката рамка. Во наредните денови или недели сигурно ќе се обидеме да го испратиме овој важен сигнал до Западниот Балкан, тоа ќе зависи од волјата на двете страни да се усогласат, не е се само во наши раце, рече Рот. Тој изрази задоволство што Бугарија и Северна Македонија продолжуваат да разговараат. Запрашан што е точно „каменот на сопнување“ за Софија, германскиот министер потврди дека се работи за кратката форма на името (Северна Македонија) и референцата за македонскиот јазик. Покрај ова, рече тој, има и други билатерални прашања. - Преговарачката рамка го одразува Преспанскиот договор и важни елементи од Договорот за пријателство, сега има отворени прашања од Бугарија, гледишта што треба да се разјаснат, неопходно е да имаме јаснотија на ниво на ЕУ, треба да се исцртаат некои линии, затоа што рамката треба да биде прифатена и од 27-те земји членки и од земјата што преговара, објасни Михаил Рот. Тој понатаму одби да прејудицира што ќе се случува наредните недели, но потенцира дека до крајот на германското претседателство, односно до 31 декември, има уште време. – Сега е средина на ноември, годината завршува на 31 декември и сите сакаме да имаме пријатен Божик така што ќе треба да се разјаснат некои работи, рече Рот, повикувајќи ги двете страни на храброст и добра волја како нешто што им е потребно и на ЕУ и на Западниот Балкан. За Германија како претседавач, рече министерот Рот, е важно да се биде од помош во потрагата по разумно решение. – Сакаме да го расчистиме патот што е можно повеќе, за да се одржи првата Меѓувладина конференција, рече Рот. Тој изрази жалење што изминатите недели не се постигнат консензус за преговарачката рамка, која претставува предуслов за одржување на меѓувладини конференции, за кои Германија сака да се одржат во рамките на нејзиното претседателство со ЕУ. - Би сакал денес да и се заблагодарам на Северна Македонија која јасно покажа дека  стабилноста и демократијата се од централно стратешко значење за Западниот Балкан, додаде Рот. Тој  истакна дека мораме да се прави јасна разлика меѓу билатералните конфликти, како на пример меѓу Северна Македонија и Бугарија и прашањата кои се од централно европско знаење. - Заедно со Европската комисија јасно кажавме дека сакаме да бидеме од помош во изнаоѓање на разумни решенија. Би сакале  да ги одстраниме сите пречки од патот за да може во рамките на нашето претседателство да се одржат соодветните меѓувладини конференции. Сега не е време  на  билатерланите прблеми кои не можат да се решат во неколку денови или недели да се пренесуваат  на европско ниво. Важно е да се прати јасен сигнал на кредибилитет на ЕУ во правец на Западен Балкан, истакна германскиот министер. Тој потенцира дека Албанија и Северна Макеоднија постигнаа многу за нивната аспирација да станат дел од европското семејство. - Претстои долг пат, но мора да се започне со конкретни преговори, додаде Рот. Потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович, исто така потврди дека ЕУ не се откажува од решение до крајот на оваа година. – Чувствуваме дека сме во последната линија за двете преговарачки рамки (со Албанија и Северна Македонија – н.з.) и ставање на процесите на цврста база, важно е да се удвојат напорите за решавање на споровите и да се изнајде договор за преговарачките рамки, сакаме одржување на првата Меѓувладина конференција што е можно побргу, рече Шефчович. Што се однесува до Албанија, Рот истакна дека остануваат два клучни услови за усвојување на рамката со оваа земја, а тоа е изборниот законик и екипирање на Врховниот суд, кој се најде испразнет од судии по процесот на ветинг. – Албанија е мала земја, и ќе треба време, и во поларизирана земја како Албанија има политички конфликти, тешко се постигнува консензус, рече Рот. истакнувајќи ја потребата за повеќе судски процеси, обвинители и пресуди. тм/сп/

Остани поврзан