• четврток, 26 декември 2024

ЕУЛЕКС ги демантира наводите на Белград дека не му било дозволено да учествува во акцијата во Бањска

ЕУЛЕКС ги демантира наводите на Белград дека не му било дозволено да учествува во акцијата во Бањска

Приштина, 29 септември 2023 (МИА) – Мисијата на Европската унија за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС) ги отфрли тврдењата на српските власти дека не и било дозволено да учествува во полициската акција на 24 септември во Бањска, откако беше нападната косовската полиција.

Од мисијата на ЕУ за Радио Слободна Европа изјавија дека „на ЕУЛЕКС на ниеден начин не му е забрането да учествува или да ги набљудува операциите што ги спроведе косовската полиција на 24 септември“.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и шефот на Канцеларијата за Косово во српската Влада, Петар Петковиќ, изјавија дека властите во Приштина не му дозволиле на ЕУЛЕКС да учествува во полициската операција, откако вооружена група ја нападна косовската полиција во Бањска за Звечан.

Вучиќ на средбата со претставниците на КВИНТ и на Европската унија на 26 септември рече дека ги прашал зошто „Еулекс бил одбиен“ да учествува во операцијата на северот.

- По нападот на косовската полиција и по интервенција на полицијата, мобилните патроли на полициската единица на ЕУЛЕКС и резервната полициска единица, како и други членови на персоналот на ЕУЛЕКС, беа во близок контакт со косовската полиција и отидоа во областа околу манастирот Бањска, на северот на Косово, соопшти ЕУЛЕКС.

Од мисијата додаваат дека будно ја следеле полициската операција и биле во близок контакт со косовската полиција и мировната мисија на НАТО на Косово, КФОР.

Маскираната и вооружена група - која според властите во Косово се состоела од околу 30 лица - првично ја нападна косовската полиција во Бањска, каде што органите на редот започнале акција за отстранување на барикада на патот.

Потоа напаѓачите се засолнија во манастирот Бањска и оттаму цел ден се препукуваа со единиците на косовската полиција. Како резултат на размената на оган загинаа тројца осомничени напаѓачи.

И Вучиќ и Петковиќ тврдат дека двајца Срби биле убиени откако се предале и бараат ЕУЛЕКС да биде вклучен во истрагата и оваа мисија да посредува да им дозволи на српските истражители да вршат обдукција на убиените напаѓачи.

Мисијата на ЕУ не посочи дали прифатила такво барање од Србија, но рече дека „нема извршен мандат да води истраги“.

- Мисијата ги следеше и ќе продолжи да ги следи активностите што ги спроведуваат властите во Косово поврзани со нападот, како што се истраги, конфискации и рации. Во согласност со мандатот што го имаат и законодавството на Косово, на обдукцијата присуствуваа претставници на ЕУЛЕКС во својство на набљудувачи, се вели во одговорот на ЕУЛЕКС упатен до РСЕ.

Косово ја обвини Србија за нападот во Бањска, кој го опишува како терористички напад, и побара меѓународна истрага за овој настан. Србија негираше дека е замешана во овој настан.

Нападот остро го осудија Соединетите Американски Држави и ЕУ.

Косовскиот министер за внатрешни работи, Џељаљ Свечља изјави дека се истражува можноста за руска вмешаност во нападот од 24 септември во Бањска кај Звечане, каде што беше убиен еден и беа повредени уште тројца полицајци, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во интервју за агенцијата „Асошиетед прес“, кое го пренесуваат косовските медиуми, Свечља вели дека истражителите ги разгледуваат доказите за да видат дали има поврзаност на Русија, како сојузник на Србија, во вооружениот напад.

Според косовскиот прв полицаец, запленетото оружје, опрема и документи укажуваат на руска вмешаност во нападот.

- Она што сигурно го знаеме е дека (напаѓачите) дошле од Србија. Некои од нив се косовски Срби, кои имаат двојно државјанство, косовско и српско, а кои според информациите од нашето разузнавање биле обучувани во кампови во Србија. Најдовме некои документи кои не наведуваат на сомнеж дека имало поединци кои дошле и од Русија, изјави Свечља.

Според него, има докази за опремата, „но за луѓето сè уште постои само сомнеж“.

АП напоменува дека и на Запад постои страв дека Русија, преку Србија, може да сака да го дестабилизира Балканот за да привлече внимание од руската агресија во Украина.

- Русија во повеќе наврати ја поддржува Србија за тензиите на Косово, обвинувајќи го Западот за „неуспехот да ги заштити Србите на Косово“, пишува меѓународната агенција.

Свечља рече дека врз основа на собраните докази и снимките од дрон, некои од напаѓачите цело време носеле маски.

- Ниту членовите на групата кои беа уапсени, не знаеја кои се тие. Значи, тие се или високи функционери од безбедносниот сектор на Србија, или можеби дошле директно од Русија, рече Свечља.

Министерот за внатрешни работи изјави дека целта на агресијата била заземање на косовскиот север, кој е населен со мнозинско српско население, со крајна цел отцепување од Косово.

- Имаа уште 100 униформи. Тие планираа да регрутираат повеќе луѓе од областите каде што живеат Срби... Косовските институции ќе требаше да се соочат со стотици терористи во сценариото што го планираа, рече Свечља.

Тој рече дека арсеналот оружје што го запленила полицијата покажува дека се подготвувал план во кој се вклучени стотици луѓе, додека „ризикот од можна експлозија не е завршен“.

- Немаме судири, но имаме информации дека вежбите на овие терористи продолжуваат во Србија. Во Косово има луѓе кои се дел од оваа група, рече Свечља.иа/сд/

Остани поврзан