• недела, 24 ноември 2024

Етапно ќе продолжи реконструкцијата на Соколана во Куманово

Етапно ќе продолжи реконструкцијата на Соколана во Куманово

Куманово, 3 мај 2023 (МИА) - Тендерската постапка за засилување на статиката и промена на покривот на објектот Соколана е завршена, добиена е градежна дозвола, информираше на брифингот со новинарите, кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

- Завршена е тендерската постапка за засилување на статиката и промена на кровниот покривач на Соколана. Веќе е добиена и градежната дозвола и мислам дека до крајот на овој месец изведувачот на активностите ќе биде воведен во работа за да продолжиме со работа на Соколана. Претходно, обезбедивме средства од околу девет милиони денари коишто ни беа дадени со одлука на Влада, а потоа истите беа одземени. Токму затоа, оваа инвестиција ќе оди на сметка од општинскиот буџет, изјави Димитриевски.

Тој нагласи дека реконструкцијата на Соколана е проект од значење не само за општината, туку и за државата бидејќи е објект под заштита на државата. На брифингот тој кажа дека очекува поддршка со дополнителни средства и од надлежни државни институции.

- Ние обезбедивме околу осум милиони денари буџет, нешто приближно колку што беше обезбедено и од Владата, износ којшто ни беше доделен од страна на Владата, а потоа беше повлечен со образложение дека не сме го изреализирале тој износ, а во меѓувреме изработивме проект за којшто чекавме повеќе од година дена за добивање согласност и конзерваторско мислење. Од моментот кога ги обезбедивме сите согласности и требаше да ни биде дадена дозвола бидејќи станува збор за објект под заштита на државата, беше донесена дозволата од министерството за транспорт и врски, а веднаш потоа експресно укината. Реагиравме до министерството на што ни образложија што дополнително треба да обезбедиме како документација и конечно пред седум дена ја добивме дозволата, рече Димитриевски.

Игралиштето во Соколана го реконструираше Владата и Агенцијата за млади и спорт и беше пуштено во употреба летото 2021 година. Владата претходно ѝ ги врати во владение четирите големи спортски објекти на општината, Соколана, спортската сала, градскиот стадион и стрелиштето.

Спортскиот објект датира од доцните 20-ти години на минатиот век и период на кралство Југославија, со зачетоците на Соколското движење, не само на просторите на Куманово, туку и на тогашна Европа. На ова место се играле најдобрите кошаркарски турнири во поранешна Југославија, а тренирале и врвни гимнастичари. Соколана има непроценливо значење за кумановци како место каде се одржувале игранки и матинеа. ам/цр

Фото:МИА

Остани поврзан