• среда, 25 декември 2024

Естонија ќе гради 600 бункери за да запре евентуална руска инвазија

Естонија ќе гради 600 бункери за да запре евентуална руска инвазија

Талин, 10 февруари 2024 (МИА) -  Eстонските власти соопштија дека Владата планира изградба на околу 600 бункери за кои се надеваат дека ќе спречат хипотетичка инвазија и окупација од Москва. 

Во јануари, министрите за одбрана на Летонија, Литванија и Естонија се согласија на нов план за изградба на широка мрежа на утврдувања дизајнирани да ја одвратат и запрат евентуалната руска инвазија.

Естонија со Русија споделува граница долга 294 километри, а голем дел од неа се смета за речиси непрооден благодарение на огромните шуми и мочуришта.

- Војната во Украина покажа дека враќање на веќе освоени територии е исклучително тешко и по висока цена на човечки животи, време и материјални ресурси, изјави Сузан Лилевали, потсекретар за одбранбена готовност во Министерството за одбрана на Естонија. Таа го најави проектот вреден 60 милиони евра.

„Покрај опрема, муниција и персонал, потребни ни се физички инсталации за ефикасна одбрана на нашите земји“, рече Лилевали.

Помалите балтички земји долго време се сметаат за најверојатни цели на Русија, доколку рускиот претседател Владимир Путин одлучи да го нападне НАТО. Теоретски може да се очекува дека руските трупи ќе ги совладаат трите мали нации за неколку дена, но реалноста треба да биде сосема поинаква, пишува Њузвик. 

Естонската премиерка Каја Калас уште во 2022 година предупреди дека нејзината земја ќе биде избришана од лицето на земјата доколку Русите решат да ја нападнат. Така, новата одбранбена линија нешто менува и носи одредена смиреност, онолку колку што може да има додека се зборува за војна, наведува Њузвик.

Новата одбранбена линија  „покрива“ секој дел од сојузничката територија и би функционирала како оние што можат да се видат во Украина од двете страни. Цврсто поставена и досега непробојна бидејќи со месеци никој на клучните фронтови не напредува.

Секако, одбранбената линија би ја оневозможила Русија брзо да напредува, што е клучно во случај на војна против целата НАТО алијанса.

Литванците особено ќе се фокусираат на Сувалки, тесен појас што се протега меѓу Белорусија и руски Калининград. Во случај на окупација на таа област, балтичките држави би биле изолирани од Полска и другите европски западни сојузници.

Естонците ќе обрнат внимание првенствено на граничните премини Нарва на север и Вору на југ. Езерото Пејпус, кое формира голем дел од границата со Русија, им обезбедува на Естонците цврста одбранбена бариера.

Естонија планира овие 600 бункери да ги изгради во текот на следната година, а секој од нив ќе биде со големина од 35 квадратни метри и ќе собере десет војници и целата нивна опрема. Клучен е начинот како се изградени бункерите, што овозможува престој во нив долго време. И тие ќе бидат во помали групи од неколку од нив на помал простор. Во нивното опкружување ќе има експлозивни направи и сензори, наменети за целосно забавување или запирање на руски оклопни единици.

Сите членки на НАТО ги проучуваа перформансите на руската војска во Украина, барајќи вредни информации за силата и слабостите на московските трупи. Тие знаат во кој случај каква муниција користат, како и начинот на кој ги извршуваат своите напади. Планираната одбрана на трите балтички држави, поддржана од членките на НАТО, ќе се изврши за директно да се спротивстави на евентуалните вакви напади. ссм/

фото: Естонско Министерство за одбрана

 

 

Остани поврзан