• среда, 27 ноември 2024

ЕСП го потврди временското ограничување за депортации во ЕУ за време на пандемијата

ЕСП го потврди временското ограничување за депортации во ЕУ за време на пандемијата
Луксембург, 22 септември 2022 (МИА) - Доколку земја од Европската Унија (ЕУ) не може да депортира барател на азил во друга членка во рок од шест месеци поради пандемијата на Ковид-19, моменталната земја на живеење станува одговорна за случајот, пресуди денеска Европскиот суд на правдата, јави ДПА. Во ЕУ, земјата каде барателот на азил првпат влегува во блокот е задолжена за обработка на неговата апликација. Но, поединци патуваат и во други земји. Доколку лицето не може да биде префрлено назад во земјата на првиот влез во рок од шест месеци, таа во која престојува лицето мора да го преземе случајот. Пресудата е поврзана со случаи во Германија, каде три баратели требаше да бидат префрлени назад во Италија за нивното барање за азил да биде обработено таму кога избувна пандемијата. Германските власти тврдеа дека тие не станале одговорни за случаите затоа што рокот од шест месеци за депортација беше стопиран, поради целокупната суспензија на депортации меѓу Германија и Италија за време на пандемијата. Судот на ЕУ потврди дека депортациите во Унијата мора да бидат спроведени во рок од шест месеци, дури и кога има рестрикции во патувањето наметнати за време на пандемијата од коронавирусот. - Ова е важна одлука за заштита на бегалците во Европа бидејќи им дава правна сигурност на засегнатите, изјави Виебке Џудит од миграциската организација „ПРО АСИЛ“ (PRO ASYL). Џудит додаде дека на тужителите сега би требало конечно да им се овозможи пристап до процедура за азил во Германија. Во јуни 2020 година, над 20.000 баратели на азил беа информирани од властите дека Германија го суспендирала крајниот рок за нивното транспортирање, од кои над 9.000 поднесоа жалба. бд/

Остани поврзан