• недела, 24 ноември 2024

ЕСМ за МИА: За „Белене“ не се наѕира почетокот, поперспективен е проектот во Александрополис

ЕСМ за МИА: За „Белене“ не се наѕира почетокот, поперспективен е проектот во Александрополис
Скопје, 24 ноември 2020 (МИА) - По објавата дека државата времено се откажува од инвестирање во бугарската нуклеарна централа Белене и се насочува кон грчката гасна електрана во Александруполис денеска од ЕСМ за МИА ги појаснуваат причините за ваквата одлука. Во одговорот што МИА го побара од раководството на ЕСМ се наведува дека грчката електрана има поголеми изгледи да се реализира во поскоро време отколку бугарскиот проект за нуклеарна централа. -  Од бугарска страна за Белене досега неколкупати имаше најави и одложувања, нема никаква најава за почеток за таа електрана, и затоа се насочуваме кон други проекти, конкретно кон комбинираната гасна електрана во индустриската зона во Александрополис, Грција, за која цениме дека е поперспективна и со повеќе изгледи да биде реализирана во разумен рок. Нам ни е важно да обезбедиме сигурно снабдување со енергија од повеќе извори и подобрување на перформансите на нашата компанија, и се разбира тоа да биде во догледна иднина, се вели во одговорот за МИА. Во Владата, како што е посочено, се формирани работни групи кои треба да координираат околу прашањето за идната инвестиција на земјава во Грција. Вчера во рамки на енергетскиот форум во Скопје, директорот на ЕСМ Васко Ковачевски обелодени дека компанијата времено се откажуваат од инвестицијата во нуклеарната централа во Белене и се насочуваат кон гасната централа во Грција. Електраната во Грција ќе биде со инсталирана моќност до 800 мегавати во која државава преку АД ЕСМ би имала сопственост од 25 проценти, со што значително ќе се подобрат перформансите на компанијата во поглед на стабилно прозводство на електрична енергија. Во август 2019 година, АД ЕСМ по насоки од Владата испрати писмо со намери до Бугарија за вложување во Белене. бак/сп/

Остани поврзан