• среда, 25 декември 2024

Тарчуговски: Нема пилоти да управуваат со „Ер тракторите“

Тарчуговски: Нема пилоти да управуваат со „Ер тракторите“

Скопје, 17 јуни 2024 (МИА) - Колку што ми е мене познато, „ер тракторите“ сега се исправни, но, не можат да бидат оперативни зашто во моментов, во државата, немаме вработени пилоти за нивно управување. Со нив управува Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), па подетално би требало да се обратите кај нив, одговори денеска на новинарско прашање, државниот советник за организација и функционирање на Системот за управување со кризи, Драги Тарчуговски.

Тој нагласи дека секаде во светот недостасуваат, пред сѐ во Европа. Медитеранските земји, нагласи, имаат постојано отворени конкурси за пилоти за „ер трактори“. Постојано отворени, додаде, а што се многу побогати од нас.

- И јас би сакал да бидам пилот, но, не може лесно да се биде пилот. Сепак, за да се биде на „ер трактор“ е дури потешко, отколку пилот на обичен, комерцијален авион што превезува стотина патници. Зашто тој треба да полни вода во лет, треба да испушта вода на точно определена точка, тоа е една од најкомплицираните професии, рече Тарчуговски.

Според него, тие се платени согласно можностите што ги имаме во моментов.

- Станува збор за клучен персонал што не е лесно да биде обучен. А дали е висока или ниска платата, е сосема друго прашање, подвлече Тарчуговски.

Горан Стојановски, раководител на Секторот за операции и кординации во Центарот за управување со кризи, рече дека летово за пожари, на располагање имаат три хеликоптери од МВР и еден од Армијата.

- Ни остануваат на располагање три хеликоптери од МВР и еден хеликоптер од Армијата на Република Македонија, интервентен, затоа што тој е оперативен, меѓутоа кога ќе имаме такви ситуации, ќе може да го користиме секако. Во четвртокот добивме известување од страна на „Национални шуми“, дека практично поради немање финансиски средства во буџетот, тие немаат во моментот финансиски средства нити за опскрбување на возилата со гориво, а камоли да излезат и да можат да интервенираат согласно оперативните планови со што располагаат. Така да, останува да се потприме исклучиво на Бригадата и ТППЕ единиците што ги имаме во рамки на општините, како и доброволните противпожарни друштва, како и МВР, рече Стојановски.

И двајцата се согласија дека поради високите температури, веруваат оти и летово ќе имаме пожари на отворен простор. бд/ев/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан