• среда, 25 декември 2024

„Ерос“ - изложба на скулптури на Луан Мулиќи во Чифте амам

„Ерос“ - изложба на скулптури на Луан Мулиќи во Чифте амам
Скопје, 6 септември 2022 (МИА) - Изложба на скулптури насловена „Ерос“ од Луан Мулиќи, професор и член на Косовската академија на науките и уметностите, ќе биде отворена денеска во 19 часот во објектот Чифте амам на Националната галерија на Северна Македонија, во Скопје. Скулпторот Луан Мулиќи во делата се фокусира на истражување на еротиката. Според Зени Балажи, станува збор за полуреални структури, каде машко-женската фигура гравира сè, сугерирајќи ни монументална димензија пронајдена дури и во случаи кога делата се со мали димензии. Овие скулптури, додава тој, не се состојат едноставно само во квалитетот на материјалот за да се прикаже индивидуална форма, туку местото каде што се конзервира еротската слика на цивилизацијата која сè уште се чека, а која честопати за да се идентификува го избира патот на уметноста. -Скулптурата е средство за прикажување на прогресивно поместување на сензибилноста. Менталната состојба и психолошката состојба се претопуваат во имагинација која делува врз фрагментацијата на визуелните податоци каде резултатот е внатрешна архитектура, која во себе ги собира сите дејства и емоции вклучени во проектот на делото. Што и да претставуваат, овие скулптури носат различни сексуални сцени и позиции, славејќи ја еротската слобода како неопходен дел од човечкиот живот, а споредени со јасните сцени на водење љубов, овие скулптури носат уште посугестивен пристап кон еротската среќа. Овие еротски скулптури често ги повикуваат гледачите да ги преиспитаат конвенционалните родови улоги и човечките сексуални односи, вели меѓу другото, Балажи за делата на Мулиќи. Со силни визуелни референции и фокусирање на опипливите аспекти на неговите дела, Мулиќи ја предизвикува перцепцијата на гледачот за еротизацијата, па затоа, посочува тој, целокупното творештво на академик Мулаќи го придружува потрагата за помаестрална форма. Луан Мулиќи е роден 1953 година во Ѓаковица. Студиите за скулптура - вајарство ги завршил на Академијата за ликовни уметности на Универзитетот во Приштина (1977), а постдипломските студии на Факултетот за уметности во Белград (1979). Од 1977 година е член на ДЛУК, а од 1990 е член на Друштвото на уметници на Чикаго САД, додека во 1992 година е примен за член на „United American Artist“ во Њујорк. За полноправен член на “International Sculpture Center” во Вашингтон  е избран во 1994 година. Учествувал на многу симпозиуми за скулптура од меѓународен карактер, а има објавено и многу статии за монументалната скулптура, како и две монографии за визуелната уметност на Косово. За неговиот живот и богатото творештво се објавени многу написи во печатените и дигиталните медиуми, присутен е во многу каталози и монографии, меѓу кои и во ексклузивната монографија напишана од проф. д-р Јохан Гинтер (Johan Gunther) - “Mulliqi a Great Sculpture”. Има реализирано многу скулпторски проекти од јавна уметност во САД, Косово и Албанија. Долги години работи како предавач на Универзитетот во Тетово и на Универзитетот во Приштина каде што и ден денес предава. Речиси десет години беше директор на Националната галерија на Косово, а од 2012 година е примен за член на Косовската академија на науките и уметностите. Има одржано десетина самостојни изложби меѓу кои и во Приштина, Белград, Париз, Њујорк, а улествувал и на повеќе групни изложби во САД, низ Европа, во Јапонија и во Индија. Добитник е на повеќе домашни и меѓународни награди. вг/мд/  

Остани поврзан