• понеделник, 30 декември 2024

Ереван и Баку со меѓусебни обвинувања за судирите на ерменско-азербејџанската граница

Ереван и Баку со меѓусебни обвинувања за судирите на ерменско-азербејџанската граница
Ереван, 13 септември 2022 (МИА) - Азербејџанската армија утрово гранатираше неколку ерменски градови, вклучително Јермук, Горис и Капан, а ерменските сили „возвратија на провокацијата од големи размери од Азербејџан“. Неколку часа по ескалацијата на тензиите на ерменско-азербејџанската граница, како што соопшти руското Министерство за надворешни работи, со посредство на Москва договорен е прекин на огнот помеѓу Ереван и Баку. - Се надеваме дека договорот постигнат по руското посредување за прекин на огнот од девет часот по московско време ќе биде целосно испочитуван, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи. Ерменија тврди дека е нападната од азербејџанската армија, додека Азербејџан го обвини Ереван за вршење разузнавачки активности долж границата и пренесување оружје. Баку потенцира дека Ерменија ги нападнала азербајџанските воени позиции. Премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан го обвини Азербејџан дека ги напаѓа ерменските градови бидејќи не сака да преговара за статусот на Нагорно-Карабах, енклава во Азербејџан, но претежно населена со етнички Ерменци. - Интензитетот на непријателствата е намален, но нападите од Азербејџан продолжуваат на еден или два фронта, изјави Пашинјан во говорот во Парламентот. Претходно, Никол Пашинјан изјави дека најмалку 49 ерменски војници загинаа во денешните судири на ерменско-азербејџанската граница. Тој телефонски разговараше со претседателот на Русија и на Франција, Владимир Путин и Емануел Макрон, со американскиот државен секретар Ентони Блинкен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и побара од нив да реагираат на „агресијата од Азербејџан“. Блинкен наведе „не може да има воено решение на конфликтот“ и побара итен прекин на сите воени непријателства. Додека Мишел посочи дека Европска Унија ќе вложи напори за да спречи понатамошна ескалација, при тоа потенцирајќи оти мирот и стабилноста во регионот немаат алтернатива. Додека шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу ја повика Ерменија да „престане да го провоцира“ Азербејџан. - Ерменија треба да престане со своите провокации и да се фокусира на мировните преговори и соработката со Баку, напиша Чавушоглу на Твитер. Двете земји со децении наназад имаат несогласувања за регионот Нагорно-Карабах, кој во советско време имаше мнозинско ерменско население, но легално беше дел од Азербејџан. По распадот на Советскиот Сојуз, Нагорно-Карабах прогласи независност од Баку како Република Арцах, со поддршка од Ереван, што предизвика тригодишна војна. Војната заврши во 1994 година со победа на Ерменија, а Нагорно-Карабах беше под ерменска контрола четвртина век, иако неговиот статус никогаш не беше меѓународно признаен. По една деценија стагнација, Азербејџан во 2020 година повторно зазеде големи делови од регионот, принудувајќи ја Ерменија да направи големи територијални отстапки. Тоа вклучуваше одредба со која се ограничува пристапот на Ерменија во регионот до безбеден коридор надгледуван од руски мировници. Во ноември 2020 година Ерменија и Азербејџан со посредство на Русија потпишаа мировен договор, по поразот на ерменските сили во шестнеделната војна за Нагорно-Карабах, при што загинаа повеќе од 6.500 луѓе. Со тој договор, Ерменија изгуби контрола врз дел од Нагорно-Карабах и околните области во Азербејџан по повеќе од 25 години. Во меѓувреме, примирјето на неколку пати беше прекинувано со спорадични напади од двете страни. ми/

Остани поврзан