• четврток, 26 декември 2024

Ердоган отвори технолошки центар и 40 фабрики низ Турција

Ердоган отвори технолошки центар и 40 фабрики низ Турција
Истанбул, 30 август 2020 (МИА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, порача дека е одлучен Турција да ја направи глобален производствен и технолошки центар, јави агенцијата Анадолија. Ердоган присуствуваше на свеченото отворање на технолошкиот центар МЕСС во Истанбул, во чии рамки преку видеоконференција беа отворени уште 40 фабрики низ цела Турција. - Се надеваме дека со овој центар, кој е реализиран со инвестиција од 200 милиони лири (23 милиони евра), ќе отвориме нова ера во областа на конкурентната технологија, каде што на годишно ниво ќе можеме да обезбедиме 400.000 часа бесплатна едукација за 40.000 луѓе, порача Ердоган. Тој нагласи дека откако ќе се намалат последиците од епидемијата во светот, Турција повторно ќе се врати кон забрзаниот напредок. - Турција, која пред 18 години не можеше да направи чекор без ММФ, денес е 13-та земја во светот според паритетот на куповната моќ. Иако некои не го сакаат тоа, одлучни сме Турција, како средиште на три континенти, да ја претвориме во глобален производствен и технолошки центар, ја пренесува Анадолија изјавата на Ердоган. Осврнувајќи се и на инвестицијата на 40 фабрики кои вчера беа свечено отворени, Ердоган и честита на секоја турска компанија што директно обезбедува вработување за 4.000 граѓани, „а индиректно доаѓа до повеќе десетици илјади наши граѓани“. Тој информира дека вкупната вредност на инвестицијата изнесува четири милијарди турски лири (460 милиони евра).

Остани поврзан