• среда, 25 декември 2024

Ердоган: Знаеме кој стои зад тврдењата за заговор против Владата

Ердоган: Знаеме кој стои зад тврдењата за заговор против Владата

Анкара, 15 мај 2024 (МИА) - Знаеме кој стои зад тврдењата за заговор против Владата. Ова денеска го изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој зборуваше на состанокот на парламентарната група на неговата владејачка Партија на правдата и развојот (АКП), пренесоа турските медиуми.

Претседателот на турската Партија за националистичка акција (ПНД), Девлет Бахчели, претходно оваа недела најави можна подготовка на нов државен удар во земјата. Бахчели особено посочи дека се подготвува заговор против алијансата, во која се ПНД и владејачката Партија на правдата и развојот. Лидерот на националистите, исто така, рече дека некои претставници на полицијата и судството планираат да го повторат обидот за државен удар во 2016 година.

Турскиот претседател денеска прецизираше дека властите се свесни кој стои зад новиот „заговор“.

„Многу добро го знаеме кукларот и кој го напишал сценариото“, рече Ердоган, без да наведе повеќе детали.

Тој посочи дека е неприфатливо да се прекрши законот, нагласувајќи дека „ќе биде пронајден секој што ќе излезе надвор од рамките на законот“, објави Си-Ен-Ен-Турк. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан