• сабота, 21 декември 2024

Ергофобија - нерационален страв од работа

Ергофобија - нерационален страв од работа
Загреб, 10 септември 2021 (МИА) - Ергофобија е нерационален или неоснован страв од работа или од одговорност. Може да се однесува и на стравот од неуспех на работа и неможноста да се работи заедно со други луѓе. Оваа фобија лесно се препознава со промените во телото за време на работа, а се третира и со психотерапија. Што е ергофобија? Овој страв се одликува со чувства на вознемиреност што се јавува при одење на работа, како и при извршување задачи на работното место, пишува порталот „Н1“. Оваа фобија, исто така, може да биде комбинација од неколку фактори и стравови поврзани со работната средина. Еден човек, на пример, може да има страв од неуспех, од претпоставен, од зборување пред група луѓе, страв од комуникација со колегите, страв од мобинг. Оваа фобија води до тоа лицето да не може нормално да ги извршува секојдневните задачи. Точната причина за оваа болест не е утврдена. Може да има неколку фактори од минатото кои во сегашноста предизвикуваат проблеми. Можеби станува збор за постојан проблем на работното место, што доведува до ергофобија, но и траума во детството, каде што личноста, на пример, морала да работи напорно, и како резултат на тоа, постои проблематичен однос кон работата. Како да препознаете ергофобија? Ергофобија може да се појави преку голем број физички и психолошки симптоми кои различно се манифестираат кај секоја личност. Лицето со оваа фобија може да развие вознемиреност и нервоза уште при самото размислување за своето работно место, а на работа може да се појават и физички симптоми, како што се забрзано чукање на срцето, прекумерно потење, сува уста и напади на паника. Некои луѓе може да имаат секојдневни напади на паника, што потоа бара дури и згрижување в болница. Исто така, одредени луѓе може да се чувствуваат неспособни да ја вршат својата работа поради нивниот страв, па тоа да се развие и во депресија. Значи, својствата на ергофобија се: вознемиреност на работното место, прекумерно потење, напади на паника, поголема и почеста потреба за одмор. Како се третира ергофобија? Исто како и сите други фобии, и ергофобијата се третира со психотерапија, при што когнитивно-бихејвиоралната терапија има најдобар ефект, но и терапија со експозиција каде пациентот се приближува до својата фобија, па стравот од работното место постепено се намалува. Покрај терапијата, може да помогнат и медитацијата, јогата, вежбањето и разните техники на дишење коишто се користат во стресни ситуации. Така, ергофобија е неоснован страв од работното место и сѐ што е поврзано со работата. Во екстремни случаи, важно е да се побара помош од професионалец, така што оваа фобија да не влијае на вашиот живот.  си/гт/

Остани поврзан