• четврток, 26 декември 2024

ЕП го одобри именувањето на Илијана Иванова за нов еврокомесар

ЕП го одобри именувањето на Илијана Иванова за нов еврокомесар

Брисел, 12 септември 2023 (МИА) - Европскиот парламент денеска со гласови 522 „за“, 27 „против“ и 51 „воздржани“ го одобри именувањето на Илијана Иванова за нов комесар за иновации, истражување, култура, образование и млади. 

Иванова е номинира за член на Европската комисија на предлог на Бугарија, на местото на Марија Габриел, која во мај се повлече од должноста за да ја преземе функцијата бугарски вицепремиер и министер за надворешни работи.

Денешното гласањето за именувањето на Иванова се одржи откако минатата недела таа ја презентираше својата програма за работа пред членовите на комитетите за индустрија, истражување и енергетика и за култура и образование на Европарламентот, кои потоа дадоа позитивно мислење за нејзиното назначување.  

Покрај за именувањето на Иванова, пратениците денеска гласаа и за законот за зголемена употреба на обновливите извори на енергија, за поттикнувањето на заедничката набавка за одбранбена опрема, новите правила за донации на крв, клетки и ткива од човечко потекло, за одредбите за подобрување на квалитетот на површинските и подземните води во ЕУ, како и новите географски ознаки за занаетчиски и индустриски производи. 

На денешната седница на Европскиот парламент предвидена е и точка за дебата на европратениците со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозе Борел поврзана со состојбата во Западна и Централна Африка по „низата државни удари и други неодамнешни и загрижувачки случувања“ во тој регион, како и за состојбите во Турција, Белорусија и Иран и односите на Унијата со Економската заедница на Латинска Америка и Карибите.  

Европскиот Парламент денеска ја поддржа одлуката за продолжување на шемата за употреба на дигиталните ковид-сертификати за уште една година, за што веднаш ќе започнат преговори со Советот.

Во однос на Турција и Белорусија во вечерните часови е предвидено разгледување на нацрт-извештаите за овие две земји, по кои европратениците ќе гласаат на утрешното продолжение на заседанието. 

Европратениците попладнево ќе дебатираат и со еврокомесарот за животна средина, океани и рибарство Вирџинијус Синкевичиус за предлогот за подобрување на квалитетот на воздухот во ЕУ, со кој се поставуваат построги ограничувања и целни вредности за главните загадувачи до 2030 година, со цел воздухот во Унијата да не биде штетен за здравјето на луѓето, природните екосистеми и биолошката разновидност. Гласањето за овој предлогот ќе се одржи утре.  

За попладне е предвидена и расправа за влијанието на украинскиот извоз на жито врз земјоделците во ЕУ, поврзана со одлуката за забрана за увоз на житни култури од Украина во Полска, Унгарија, Бугарија, Романија и Словачка, чија важност истекува на 15 септември, како и за повлекувањето на Русија од Црноморската иницијатива за житото.   

Во вечерните часови е закажана дебата за новите правила за минималниот удел на поеколошки авионски горива што ќе мора да бидат достапни на аеродромите во ЕУ, како дел од напорите за намалување на емисиите на штетни гасови од страна на транспортниот сектор, по кои европратениците треба за гласаат утре. 

Пред денешните гласања, за време на претпладневната дебата европратениците расправаа за соработката на ЕУ со Тунис во однос на проблемот со миграцијата во која учествуваше и еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан