• петок, 27 декември 2024

ЕПИ: Предлогот на ЕК за нова методологија на пристапувањето - повеќе условеност и ново групирање во регионот

ЕПИ: Предлогот на ЕК за нова методологија на пристапувањето - повеќе условеност и ново групирање во регионот
Скопје, 5 февруари 2020 (МИА) - Институтот за европска политика смета дека Владата треба внимателно да пристапи во оценката на предлогот на Европската комисија за новата методологија на пристапување. - Со оглед на тоа што се работи за сериозни последици на изменетиот пристап и методологија за процесот на пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ, сметаме дека Владата треба внимателно да пристапи во оценката на последиците и да организира сеопфатна дебата за Предлогот, без негово „бланко“ прифаќање, односно поддршка. Треба да се повторат принципите за напредок во процесот по заслуги и исти услови за сите во регионот, како и натаму да се инсистира на неодложно отворање на преговорите. Потребно е да се стави фокус на дијалог за воспоставување на условите и нивното исполнување и да се инсистира условите да се во рамките на acquis на Европска унија. Лобирањето кај државите членки во наредниов период на разгледување на овој предлог е исклучително значајно. Институтот оценува дека релативно високото ниво на усогласеност со acquis на ЕУ по поглавја споредено со државите од регионот кои веќе се во преговори, нашата држава би требало да ја искористи за забрзана интеграција во одредени области. Со предлогот на новата методологија за преговори Комисијата суштествено го задоволува францускиот предлог, иако се труди да го амортизира неговото негативно влијание. Декларативно се посилни формулациите за перспективата за членство, ставен е акцент на кредибилитетот и омекнати се формулациите за повратноста на процесот, оценува Институтот за европска политика. Институтот смета дека предлогот делумно ја отстранува контрадикторноста со процесот на стабилизација и асоцијација од францускиот нон-пејпер и се приближуваат двата процеса – пристапување и стабилизација и асоцијација. Сепак, наведува ЕПИ, во основа се почитува предлогот на Франција за преговори во кластери, но видоизменети, со зачувување на поглавјата и преку нивно групирање. Ова потенцијално може да значи намалување на вето точките за државите членки, но едногласноста останува. - Процесот се усложнува и политички и технички. Сериозно се зајакнува условеноста. Во преговорите се воведуваат економските критериуми, како и јавната администрација во кластерот „Основи“, заедно со постојните поглавја 23 и 24. Патокази (досегашните акциски планови за поглавјата 23 и 24) се предлага да се донесуваат и за демократски институции и јавна администрација – подрачја во кои не постои цврсто acquis. Се става фокус на исполнување на одредници за отворање на кластерите - исполнување на приоритети пред отворање на преговорите за група поглавја. Ниедно поглавје привремено не се затвора пред да се исполнат преодните одредници за владеење на правото, наведува ЕПИ. Проблематично останува прашањето на поставување и мерење на исполнетоста на условите – одредниците, особено со внесувањето на економските критериуми и јавната администрација во преговорите. За придобивките кои би требало да ги осетат граѓаните нема ништо конкретно. Се говори за „забрзана интеграција“ и потенцијални придобивки кои ќе бидат утврдени во телата на ССА или за „постепена интеграција“: постепено воведување во политиките, пазарите и програмите; зголемени средства од ИПА и соработка со МФИ. Од друга страна, нема најави за поголемо зголемување на буџетот на претпристапната помош, ниту за примени во нејзината структура, наведува Институтот. Натаму Институтот оценува дека покрај потврдувањето на можностите за прекин односно суспензија на преговорите, кои ги има и во досегашните преговарачки рамки, но не се користени, изрична е и можноста за повторно отворање привремено затворени поглавја – што повторно е опција и сега бидејќи сите поглавја само провизорно се затвораат додека преговорите не завршат целосно. Се предлага можност во случај на стагнација или регрес да се усвојуваат препораки на Комисијата во процес во скратена постапка во Советот (согласност со молчење), доколку Советот со квалификувано мнозинство не ја отфрли препораката на Комисијата. Предлог на Комисијата ја продлабочува разликата меѓу државите во регионот, бидејќи изрично се вели дека преговарачките рамки за државите кои веќе преговараат нема да се менуваат, но тие самите може да се сложат за практична имплементација на предложените промени, како што е групирањето во кластери, или можностите за забрзана интеграција, смета ЕПИ. За предлогот на Комисијата се очекува интензивна расправа во и меѓу државите членки претстојниве месеци, пред Загрепскиот самит. Поблиската поврзаност со процесот и структурите на ССА треба да бидат предност за Република Северна Македонија со оглед на тоа што досега имало 15 круга на состаноци на телата, но само доколку секоја влада не почнува од почеток и само креира и рекреира нови структури, наместо да капитализира од постојното искуство и знаење и да го надградува со ново. Институтот смета дека исто така ќе биде неопходно да се преиспитаат постојните структури, да се избегне паралелизмот, да се обезбеди комплементарност со ССА структурите и да се преиспитаат постојните инструменти за усогласување. нд/сст/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан