• среда, 25 декември 2024

Епископ Партениј посака благословено Ново лето господово

Епископ Партениј посака благословено Ново лето господово
Дебар, 14 јануари 2022(МИА) - Игуменот на Бигорскиот манастир, епископот г. Партениј Антаниски, во пораката по повод православна Нова година, посака благословено Ново лето господово.
-Овој прв ден од Новата световна година, нека ни биде, чеда мои, ден за голема благодарност кон нашиот милостив Бог, кој ни подари уште една година во нашите сопствени животи, година којашто како и секоја друга, е благопријатно време за покајание. Да му благодариме на Трисветиот Бог, но и да го помолиме да ни прости, како благ и незлоблив, за сите недостатоци во нашиот духовен живот, за сите наши гревови и непослушанија со кои сме го натажиле, порача г. Партениј.
Тој посочи дека Новата година ни се дава како уште една можност за осветување, за духовен напредок и затоа, како што рече, „да се трудиме да не го нажалуваме Бога ниту со нашите гревови, ниту со нашата немарност“.
-Да го помолиме Христа да нѐ просветли со својата благодат, та да бидеме подобри христијани, исполнети со неговата љубов, сведоци на неговата светост. Нека ни е благословено на сите новото лето господово, посака, епископ г. Партениј, игумен Бигорски.
Оваа годинa, како што изјави за МИА, сестра Ефимија, во свечената галерија на Бигорскиот манастир концертен настап со пригодни традиционални византиски божикни и новогодишни каланди, имаше хорот при храмот Св. Петар и Павле од Кичево, а во придружба на оркестарот Чалгија Мерак.
Истиот овој состав имаше настап за Бадник во центарот на градот Кичево, што беше прв концерт од ваков вид.
Во продолжение на Јутјуб линкот може да го проследите нивниот настап. вт/ир

Остани поврзан