• недела, 24 ноември 2024

Економска конференција на Амбасадата на Словенија за достигнувањата од 20-годишното членство во ЕУ

Економска конференција на Амбасадата на Словенија за достигнувањата од 20-годишното членство во ЕУ

Скопје, 22 мај 2024 (МИА) - Амбасадата на Република Словенија во Северна Македонија, заедно со Здружението на словенечки и македонски бизнисмени, денеска во Скопје организира економска конференција за 20 години од стапувањето во членство на Словенија насловена „Што ни донесе 20 години членство во ЕУ на економски план“.

Со членството во ЕУ, посочуваат од Амбасадата, Словенија доби финансиски и развојни предности, бидејќи како граѓани на ЕУ им се отворија можности за вработување во другите земји-членки, патувањето во ЕУ стана лесно, а заедничката валута го поедностави деловното работење на компаниите и потрошувачката на поединците. Членството во Европската Унија, додаваат, ни носи многу други придобивки, но и одговорности.

Целта на настанот е да се промовираат достигнувањата на словенечката економија во текот на дваесетгодишното членство на Словенија во ЕУ и, пред се, да се промовира словенечката економија во Северна Македонија.

Словенечкиот амбасадор Грегор Прескер ќе има воведно обраќање, а клучен говорник ќе биде проф. д-р Мојмир Мрак - економист и редовен професор на Универзитетот во Љубљана, а потоа ќе следи панел дискусија на истата тема како и конференцијата на која ќе се обратат Маја Кадиевска Војновиќ, советник на Управниот одбор на Стопанска банка АД Битола и поранешен вицегувернер на Народната банка на Северна Македонија, Драган Тилев, државен советник за ЕУ прашања и координатор при Секретаријатот за европски прашања на Северна Македонија и Клемен Турк, менаџер на фабрика, ЛТХ Леарница Охрид. Модератор ќе биде Војдан Јорданов, извршен директор во Триглав осигурување Скопје и претседател на Здружението на словенечки и македонски бизнисмени во Северна Македонија. вг/aa/

Фото: Словенечка Амбасада

 

Остани поврзан