• среда, 25 декември 2024

Емитувано 5.000-то издание на емисијата „Културна клучалка“ на Македонското радио - Радио Скопје

Емитувано 5.000-то издание на емисијата „Културна клучалка“ на Македонското радио - Радио Скопје

Скопје, 23 август 2023 (МИА) - Македонското радио - Радио Скопје, денеска на своите бранови, го емитуваше јубилејното 5.000-то издание на дневната емисија „Културна клучалка“ од областа на културата.

Оваа емисија своето прво издание го имала на 5 март 2003 година, а со континуитет од над 20 гидини се емитува до ден денес секој работен ден од 13 до 14 часот и им овозможуваат на слушателите да ѕирнат низ тоа што го пропуштиле минатиот ден или да го одберат својот „културен фаворит“ за тековниот ден.

Статистиката, како што посочуваат од Македонското радио, бележи над 30.000 прилози од сите сфери на културата и уметноста споделени со радиската публика низ изминатите две децении.

Во овој период, пред микрофоните на „Културната клучалка“ биле еминентни светски и македонски културни работници и уметници: од Јустејн Гордер, Давид Албахари па се до Петре М. Андреески, Радован Павловски или Гоце Смилевски, Лидија Димковска или Пијан Славеј, од Џим Шеридан и Фатих Акин до Милчо Манчевски, Горан Столевски или Дејан Пројковски, од Ванеса Редгрејв, Џереми Ајронс, Ричард Гир, Викторија Абрил преку Милена Дравиќ, Мира Фурлан, Раде Шербеџија или Милош Биковиќ до Мето Јовановски, Бајруш Мјаку, Бедија Беговска, Билјана Драгичевиќ или Сашко Коцев, од Хозе Карерас, Лорин Мазел, Владимир Ашкенази, Максим Венгеров до Симон Трпчески или Ана Дурловски и Весна Гиновска Илкова, од Збигњев Прајснер до Дуке Бојаџиев, од Едвард Луси Смит до Владимир Георгиевски, Ибрахим Беди, генерациите на семејствата Коџоман или Корубин до Шќипе Мехмети, од Рина Усикова до Виктор Фридман, од Вера Битракова-Грозданова до Елизабета Димитрова, од Пети Смит и Шарлин Спитери („Тексас“’) преку Ѓорѓе Балашевиќ до членовите на „Леб и сол“ или „Фолтин“ и многу други.

 - Самата идеја за емисијата „Културна клучалка“ пред многу години се роди како неопходност да се направи разлика помеѓу опасноста од естраден третман на културата (процес што за жал секојдневно се’ поинтензивно неминовно „не’ окупира“) од една, како и обидот истата да се приближи до пошироката публика разобличувајќи ја наводната „салонска“ нишка, од друг страна. Така, приодот во неа е еден вид мамка да се разбуди, задржи и продлабочи љубопитството кај публиката за одредени случувања. Честите препораки или забелешки, нашиот јасно изречен став или резерва, многу пати се покажале како соодветен водич и насочувач на институциите, но и на публиката која знае и да полемизира со нас, вели водителот и уредник на Културната програма на Македонското радио-Радио Скопје, Тони Цифровски.

Од почетокот па се до денескапораките за културата ги пренесуваат Корнелија Буклеска и Душко Христов, додека низ годините свое активно учество имаа и доајените на македонското културно новинарство Тодор Кузманов и Благоја Куновски, како и Александра Јуруковска и Наташа Димовска.

 - Во овој контекест, во моментов е неопходно итно подмладување на кадарот за обезбедување натамошен континуитет како дел од законските обврски на Македонското радио како национален медиум, подвлекува уредничката на Редакцијата за култура и уметност, Корнелија Буклеска.

Одговорен уредник на Првиот програмски сервис, Наташа Андрееска, нагласи дека Македонското радио - Радио Скопје секогаш со посебно внимание ги негува и развива содржините од областа на културата и уметноста и нивното унапредување, што ќе биде врвен приоритет и понатаму. сан/са/

Фото: Македонското радио - Радио Скопје

Остани поврзан