• понеделник, 23 декември 2024

Емери: Следната цел за Астон Вила е трофеј

Емери: Следната цел за Астон Вила е трофеј

Бирмингем, 25 октомври 2024 (МИА) - Астон Вила ја исполни својата прва цел и редовно игра на европските турнири, а следната е трофеј, изјави менаџерот Унаи Емери кој веќе наполни две години на кормилото на англискиот фудбалски клуб. Шпанецот беше назначен во октомври 2022 година за наследник на Стивен Џерард, кој го напушти тимот од Бирмингем на 16-то место во Премиер лигата.

Емери ја заврши својата прва сезона како седми и го смести тимот во Конференциската лига, но тоа беше само почеток. Минатата сезона Вила заврши на четвртото место и се врати во Лигата на шампионите по 44-годишно отсуство.

-Поминаа две години откако пристигнав овде. Отсекогаш сме барале многу од себе и секогаш сме се труделе да дадеме максимум во секој момент. Некои цели беа брзо постигнати, но за други има уште многу работа да се заврши. Кога ќе ги постигнеме овие цели сезона по сезона, треба да запомниме дека треба да продолжиме да работиме за да напредуваме. Нашата прва цел беше да играме во Европа, да влеземе во топ 7. Сега сонувам за трофеј. Само треба да продолжиме да градиме, изјави Емери..

Вила е во серија од десет натпревари без пораз, а викендов се соочува со Борнмаут. дс

Фото: Архива

Остани поврзан