• вторник, 24 декември 2024

Емери потпиша договор со Астон Вила до 2029 година!

Емери потпиша договор со Астон Вила до 2029 година!

Бирмингем, 27 мај 2024 (МИА) - Менаџерот на Астон Вила, Унаи Емери, потпиша нов петгодишен договор со клубот од Бирмингем - до 2029 година!

По фантастичната сезона во Премиер лигата, Астон Вила обезбеди пласман во Лигата на шампионите следната сезона, а за тоа огромни заслуги има шпанскиот тренер.

Унаи Емери (52) пристигна на „Вила Парк“ од Виљареал во октомври 2022 година, кога клубот беше само на 17. место во Премиер лигата. Во истата сезона ги предводеше до седмото место, а оваа сезона на четвртата позиција зад Манчестер Сити, Арсенал и Ливерпул.

-Многу сум среќен што го направив овој чекор и што ја преземам одговорноста да го водам овој клуб. Во Астон Вила владее одлична хемија и поддршката од навивачите прави да се чувствувате како дома. Навистина сме возбудени што ќе продолжиме со ова патување без ограничувања за нашите соништа, изјави Унаи Емери, цитиран од Би-Би-Си по потпишувањето на новиот договор.

Поранешниот менаџер на Севиља и Арсенал оваа сезона ја предводеше и Астон Вила до полуфиналето на Конференциската лига во првата европска кампања на клубот од Бирмингем по 13 години.

Својот ентузијазам го споделуваат и во клубот.

-Ние градиме нешто посебно овде во Астон Вила со Унаи во центарот на тоа и пресреќни сме што тој потпиша нов договор со клубот до 2029 година. Како што влегуваме во нашата историска година, нашата 150-годишнина, имаме што да гледаме напред со Унаи на чело, рече претседателот Насеф Савирис. дс

Фото: Архива

Остани поврзан