• среда, 25 декември 2024

Елисејска палата: Макрон побара од Си да интервенира кај Путин

Елисејска палата: Макрон побара од Си да интервенира кај Путин
Париз, 15 ноември 2022 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон денеска побара од кинескиот лидер Си Џинпинг да интервенира кај рускиот колега Владимир Путин, со цел да го убеди да се врати на преговарачката маса за да се спречи ескалација на војната во Украина, информираше Елисејската палата. „Францускиот претседател бара од Кина да придонесе со испраќање порака до претседателот Путин за да се избегне ескалација (на војната во Украина) со повик сериозно да се врати на преговарачката маса“, се наведува во соопштението. Макрон моментално е во Индонезија, каде се одржува самитот на лидерите на Групата 20 индустриски најразвиени држави во светот. Си Џинпинг во разговор со Макрон на маргините на Г20, „ги поддржа европските посреднички напори“, особено на францускиот претседател и „многу одлучно го повтори неговото спротивставување на употребата на нуклеарно оружје“ на Русите во Украина, додава Елисејската палата во соопштението. Претседателот на Франција го повика кинескиот колега да ги обединат силите против војната во Украина, истакнувајќи дека „стабилноста“ во светот, исто така, е во интерес на Кина. Макрон и Си разговарале и за билатералните односи, додека претседателот на Франција планира посета на Кина во почетокот од 2023 година, доколку тоа го дозволат здравствените услови поради коронавирусот. бд/јт/

Остани поврзан