• недела, 24 ноември 2024

ЕК: Разгледуваме начини за поврзување на Западен Балкан со иницијативите на ЕУ за COVID-19

ЕК: Разгледуваме начини за поврзување на Западен Балкан со иницијативите на ЕУ за COVID-19
Белград, 17 март 2020 (МИА) - Портпаролката на Европската комисија (ЕК), Ана Писонеро, изјави дека Европската унија (ЕУ) разгледува начини за поврзување на Западен Балкан со иницијативите кои ЕУ ги презема во борбата за сузбивање на пандемијата на коронавирусот, додавајќи дека сега е време за солидарност, а не за „неосновани обвинувања“, јави дописникот на МИА од Белград. -Тесната координација и соработката на регионално ниво и со ЕУ се клучни фактори за реагирање на оваа вонредна состојба. Во овие тешки времиња, потребна е солидарност. Ова не е време за полемики или за неосновани обвинувања, порача во сопштението Ана Писонеро на барање на Танјуг, по повод најавата на ЕУ дека за испораката на заштитната медицинска опрема неопходна за борба против коронавирусот, сите трети земји, вклучително и Србија, ќе треба да поминат специфична „шема за одобрување на извозот“. Таа додаде дека ЕУ размислува како најдобро да пружи подршка во ублажување на социо-економските последици, вклучително и разгледувањето на можноста за пренасочување на ИПА фондовите и флексибилноста со правилата за државна помош. -Европската унија е голем донатор, инвеститор и трговски партнер на регионот на Западен Балкан. Од 2014 година, ЕУ секоја година доделува над една милијарда евра за поддршка на жителите на Западен Балкан. ЕУ секогаш ја поддржуваше и Србија во тешки времиња. На пример, за време и после поплавите во 2014 година со 180 милиони евра, или за време на мигрантската криза во 2015 година со повеќе од 100 милиони евра, изјави Ана Писонеро. Министерката за европски интеграции Јадранка Јоксимовиќ вчера испрати официјално писмо до комесарот за проширување, Оливер Вархеи, во кое побара ЕУ да овозможи пренамена на непотрошените средства од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) за мерките за спречување и борбата против последиците од епидемијата на коронавирусот во Србија. Претседателот Александар Вучиќ за време на прогласувањето на вонредната состојба на 15 март, критички се осврна на ограничувањето на извозот на медицинска опрема од ЕУ, оценувајќи дека „нема ништо од европската солидарност“ и дека само Кина може да и помогне на Србија. об/сд/

Остани поврзан