• среда, 25 декември 2024

ЕК сака да привлече мигранти поради недостигот на работна сила во ЕУ

ЕК сака да привлече мигранти поради недостигот на работна сила во ЕУ

Брисел, 27 април 2022 (МИА) – Европската комисија денеска предлага „партнерство за таленти“ за да привлече компетентни мигранти во ЕУ во контекст на демографска криза на континентот, јави дописничката на МИА од Брисел.

Во рамките на политиката за миграција на ЕУ и во контекст на војната во Украина и бројните бегалци оттаму, Комисијата сака да ревидира две директиви, со што ќе овозможи зајакнување на оперативната соработка помеѓу земјите на ЕУ и земјите партнери. Ова е дел од проектот на „партнерството за таленти“ од минатата година, но потребно е сега тој да се активира и до крајот на оваа година да се постигне сеопфатен договор, сметаат од Европската комисија.

Европската комисија ќе создаде „резерва на таленти на ЕУ за да ја направи ЕУ поатрактивна за граѓаните од трети земји кои сакаат да најдат работат во Унијата“ и да им олесни на работодавачите во ЕУ да најдат работна рака од тие трети земји.

Проектот ќе почне со пилот фаза ова лето со специфичен фокус и мерки за Украинците, за да се олесни нивната интеграција на пазарот на трудот на ЕУ, велат од Европската комисија.

- Потребни ни се мигранти затоа што имаме недостиг во многу сектори во речиси сите земји членки, и ова само ќе се зголемува од демографски причини, потребни ни се повеќе легални патишта за луѓето да придонесуваат за нашата економија, изјави еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, на прес-конференција денеска во Брисел.

Потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Схинас, објасни дека околу пет милиони мигранти од Украина пристигнале во ЕУ, и иако околу милион и половина се вратиле назад, важно е да се менаџира заедничкиот пристап на ЕУ кон трудовата миграција за да се одговори на потребата на ЕУ за таленти.

- Со денешните иницијативи признаваме дека легалната миграција има позитивен импакт насекаде, им дава на тие што сакаат да мигрираат можност да ги подобрат нивните околности, истовремено носејќи талентирани работници во земјите што ги примаат, со што ќе се даде импулс на економијата за сите, додаде Схинас.

Со овој предлог Европската комисија се надева дека ќе се поедностават процедурите за апликација за живеење и работење во ЕУ, меѓу другото преку дигитализација на услугите на амбасадите и конзулатите. тм/паг/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан