• понеделник, 23 декември 2024

ЕК: Ревидираниот француски предлог овозможува почеток на преговорите со ЕУ

ЕК: Ревидираниот француски предлог овозможува почеток на преговорите со ЕУ

Брисел, 4 јули 2022 (МИА) - Европската Комисија го поздрави ревидираниот француски предлог за преговарачката рамка за Северна Македонија и смета дека овозможува почеток на преговорите со ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

-Го поздравуваме развојот на ситуацијата во однос на Бугарија и Северна Македонија, после француските предлози и благодарение на работата на француското претседателство кое ја заврши својата мисија минатата недела, направивме голем напредок по ова прашање, изјави Дана Спинант, портпаролка на Европската Комисија на денешниот редовен брифинг за новинари во Брисел.

ЕК, додаде, е информирана за протестите против предлогот, кои се одржаа овој викенд во Скопје, како и за ставот на опозицијата која смета дека предлогот не е доволно добар.

-Од блиску ги следиме настаните во Северна Македонија, сега е време за одговорни одлуки кои ќе овозможат да се оди напред во процесот. За нас сега е време да се напредува со преговарачкиот процес, ревидираниот француски предлог токму тоа го овозможува, изјави портпаролката Ана Писонеро.

Таа додаде дека Комисијата ги „повикува сите политички партии да делуваат конструктивно во име на интересите на граѓаните кои долго време чекаат за ЕУ патот“.

-Предлогот на француското претседателство ги зема предвид интересите и преокупациите на сите, рече Писонеро. тм/ац/

Остани поврзан