• среда, 25 декември 2024

ЕК препорача постапка против седум членки на ЕУ поради „прекумерен дефицит“ 

ЕК препорача постапка против седум членки на ЕУ поради „прекумерен дефицит“ 

Брисел, 9 јули 2024 (МИА) - Европската комисија реши да му препорача на Советот на ЕУ да покрене постапки против седум земји членки на Унијата поради „прекумерно ниво“ на нивниот буџетски дефицит. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, станува збор за Белгија, Италија, Малта, Полска, Словачка, Унгарија и Франција, за кои според Еврокомисијата постои оправдана основа за започнување постапка за „прекумерен дефицит“. 

Согласно ваквиот предлог на ЕК, Советот на ЕУ треба да ја оцени неговата оправданост и доколку го прифати ќе треба да усвои препораки за прилагодување и краен рок до кој посочените земји треба да ја надминат состојбата со прекумерниот дефицит. 

Услов за иницирање ваква постапка е доколку буџетскиот дефицит на една земја членка за претходната година и планираниот за тековната надминува три отсто од националниот БДП.  

Според податоците на ЕК, Белгија лани имала буџетски дефицит од 4,4 отсто, колку што е предвидената стапка и за оваа година, во Италија ланскиот дефицит бил 7,4 проценти, а годинешниот е прогнозиран на 4,3 отсто, додека на Малта лани бил 4,9, а за оваа година е предвиден на 4,5 проценти. Во Полска минатата година дефицитот бил 5,1 отсто и се очекува да остане на исто ниво и во 2024-та, во Словачка се предвидува зголемување на дефицитот од ланските 4,9 на 6 проценти оваа година, во Унгарија лани стапката изнесувала 6,7 отсто, а годинава се прогнозира да достигне 4,5 проценти, додека во Франција за годинава се предвидува благо намалување на нивото на буџетскиот дефицит од ланските 5,5 на 5,3 отсто. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан