ЕК презема нови мерки против инструментализацијата на мигранти од страна на Русија и Белорусија
- Презедовме уште еден решавачки чекор за поддршка на нашите земји членки на првата линија на фронтот во спротивставувањето на хибридните закани со неприфатливото користење на мигрантите како оружје од страна на Русија и Белорусија, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Брисел, 11 декември 2024 (МИА) – Европската комисија денеска усвои одлука за поддршка на земјите членки на ЕУ, вклучително и со дополнителни 170 милиони евра, за справување со хибридните закани предизвикани од инструментализацијата на мигрантските текови од страна на Русија и Белорусија, како и за зајакнување на безбедноста на надворешните граници на Унијата, јави дописникот на МИА од Брисел.
- Презедовме уште еден решавачки чекор за поддршка на нашите земји членки на првата линија на фронтот во спротивставувањето на хибридните закани со неприфатливото користење на мигрантите како оружје од страна на Русија и Белорусија, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Според неа, земјите што граничат со Русија и Белорусија, како што е Финска чија граница кон Русија е долга 1.340 километри, се соочуваат со тежок предизвик да ја гарантираат безбедноста на Унијата и територијалниот интегритет на државите членки.
- Денеска на овие земји им нудиме дополнителна поддршка, вклучително и дополнителни 170 милиони средства за надградба на опремата за електронско следење, подобрување на телекомуникациските мрежи и за распоредување мобилна опрема за откривање и спречување на упади на беспилотни летала. Никогаш не смее да им се дозволи на автократите да ги користат нашите европски вредности против нас, рече Фон дер Лајен.
Според ЕК, сериозноста на континуираните хибридни закани на источната граница на ЕУ претставуваат нови предизвици за блокот и за да се гарантира нивната безбедност и територијален интегритет во овој исклучителен контекст, земјите членки кои граничат со Русија и Белорусија мора да бидат способни да дејствуваат решително, за што е потребен зајакнат одговор на Унијата.
Извршната потпретседателка на Еврокомисијата за технички суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен оцени дека Русија ја користи миграцијата како нова алатка во хибридната војна против ЕУ, што целокупната ситуацијата ја прави исклучителна и многу сериозна.
- Не смееме да дозволиме ниту една непријателска држава да ги злоупотребува европските вредности, вклучително и правото на азил. Пораката од денешната одлука е јасна: ние секогаш ќе стоиме покрај земјите членки во нивните напори да ја заштитат безбедноста на нашите заеднички надворешни граници, со целосно почитување на европското и меѓународното право, порача Виркунен.
Според еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер, Русија досега како оружје против ЕУ ги користеше енергијата и кибер нападите, а сега тоа почна да го прави и со мигрантите.
- Одговорот на ЕУ е цврст и решителен. Денешната одлука им овозможува нови алатки на земјите членки на ЕУ во справувањето со злоупотребата на миграцијата. Мора да го заштитиме суверенитетот и безбедноста на ЕУ, додаде Брунер.
Во одлуката се посочува дека со искористување на човечките суштества за непријателски чин, при тоа неводејќи сметка ја нивната ранливост, Русија и Белорусија создаваат предизвици на надворешните копнени граници на ЕУ и се закануваат по безбедноста на Унијата.
- Тие ја користат оваа хибридна војна како политичка алатка за дестабилизација на нашите општества, за поткопување на единството на ЕУ и за загрозување на безбедноста и интегритетот на Шенген зоната и на безбедноста на Унијата во целина. Во согласност со ставот на Европскиот совет, со денешната одлука, Комисијата ги поддржува земјите членки во напорите да ги спречат Русија и Белорусија да ги користат европските принципи и вредности, вклучително и правото на азил, против ЕУ, наведе ЕК.
Комисијата потсетува дека ЕУ веќе презеде неколку чекори за да се спротивстави на инструментализацијата на мигрантите од страна на Белорусија во Летонија, Литванија и Полска во 2021 година, како и од страна на Русија на нејзината граница со Финска, преку засилување на финансиските, оперативните и дипломатските напори.
- За понатамошно зајакнување на надзорот на границите со Русија и Белорусија, Комисијата сега доделува на располагање дополнителни средства во вкупна вредност од 170 милиони евра, информира ЕК.
Од овие вкупни средства за Естонија ќе бидат издвоени 19,4 милиони евра, за Летонија 17 милиони евра, за Литванија 15,4 милиони евра, за Полска со 52 милиони евра, за Финска со 50 милиони евра, како и 16,4 милиони евра за Норвешка, која не е членка на ЕУ.
Овие средства ќе бидат наменети за надградба на опремата за електронски надзор, подобрување на телекомуникациските мрежи и распоредување мобилна опрема за откривање и спротивставување на упади на дронови, со што се ќе се обезбеди следење на ситуацијата во реално време и ќе се подобри мобилноста на граничните патроли.
Европската комисија посочува дека земјите членки имаат обврска да ги штитат надворешните граници на ЕУ, но во исто време мора да ги почитуваат и основните права и принципот на невраќање на мигрантите.
- Со оглед на сериозната природа и истрајноста на заканата за безбедноста на ЕУ и територијалниот интегритет на земјите членки на надворешните граници кон Русија и Белорусија, земјите членки можат да се повикаат на одредбите од Договорот за вонредни состојби и под строги услови да преземаат мерки надвор од оние предвидени со секундарното законодавство на ЕУ, посочува Еврокомисијата.
Тие мерки можат да предизвикаат сериозно кршење на основните права, како што е правото на азил, па затоа ЕК во денешната одлука наведува услови кои мора да се почитуваат со цел да се гарантира дека преземените мерки ќе бидат соодветни, ограничени само на она што е строго неопходно во јасно дефинирани случаи и од привремен карактер.
- Комисијата ги охрабрува земјите членки внимателно да ги проценат сите загрозени интереси и да ги искористат сите можности што ги дава правниот поредок на Унијата при преземањето на вонредни мерки во справувањето со хибридни напади со инструментализацијата на миграцијата. Врз основа на принципот на искрена соработка, ги повикуваме земјите членки да соработуваат со Унијата и со другите земји членки. Неопходна е и координација меѓу соседните земји членки за да се обезбеди конзистентност и ефикасност на која било акција, додава ЕК.
Комисијата посочува дека приливот на илегални мигранти на белоруските граници кон ЕУ, посебно на онаа со Полска, годинава е поголем за 66 отсто во споредба со лани, при што дури
90 проценти од нив имаат руска студентска или туристичка виза за престој.
- ЕУ веќе понуди значителна поддршка на најзасегнатите земји членки и презеде широк опсег на активности за да ја засили подготвеноста на ЕУ да се спротивстави на оваа закана. Ова вклучуваше финансиска и оперативна поддршка и дипломатски и теренски напори, вклучително и со земјите на потекло и транзит (на мигрантите), додава извршното тело на ЕУ.
Во 2021 година ЕК предложи мерки против превозниците кои го олеснуваат криумчарењето мигранти, а во 2023 година и Предлог-директива за минималните правила за спречување и спротивставување на олеснувањето на неовластен влез, транзит и престој во ЕУ. Тие се уште не се усвоени, па Комисијата изразува подготвеност за работа со Европскиот парламент и Советот на ЕУ за „брз напредок во усвојувањето на овие предлози“. сп/
Фото: МИА Архива