• среда, 25 декември 2024

ЕК побара информации од „Амазон“ за мерките за заштита на потрошувачите 

ЕК побара информации од „Амазон“ за мерките за заштита на потрошувачите 

Брисел, 15 ноември 2023 (МИА) – Европската комисија испрати официјално барање до компанијата „Амазон“ за дополнителни информации за мерките што таа ги презела за усогласување со одредбите и обврските до Законот за дигитални услуги на ЕУ, поврзани со проценката на ризикот и мерките за заштита на потрошувачите на интернет, особено во однос на ширењето на илегални производи и гаранцијата на основните права. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, „Амазон“ мора да ги достави бараните информации до Еврокомисијата најдоцна до 6 декември 2023, по што таа врз основа на проценка на одговорите ќе донесе одлука за следните чекори, кои би можеле да вклучат формално отворање постапка за неусогласеност со Законот за дигитални услуги. 

Согласно законот, Комисијата може да изрече казни за дадени неточни, нецелосни или погрешни информации на барањето, а во случај да не добие одговор од страна на „Амазон“ до крајниот рок може да одреди санкции. 

„Амазон“ заедно со уште 18 други социјални мрежи, пребарувачи и сајтови за онлајн трговија, согласно Законот за дигитални услуги, беше прогласен за „многу голема онлајн платформа“, што го обврзува на серија одредби, вклучително и за проценка и ублажување на ризиците поврзани со ширењето на илегални и штетни содржина и за какви било негативни ефекти врз остварувањето на основните права. 

Слични барања за информации за усогласеност со Законот, претходно ЕК упати и до платформите Икс, ТикТок и Јутјуб, како и до компаниите „Мета“ и „Снеп“. „Мета“ е сопственик на Фејсбук и Инстаграм, а „Снеп“ на Снепчет. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан