ЕК не го коментира одбивањето на кандидатурата на Ѓорѓеску за претседателските избори во Романија
- Европската комисија нема коментар на одлуката на Централната изборна комисија на Романија за отфрлање на номинацијата на екстремно десничарскиот кандидат Калин Ѓорѓеску за учество на мајските претседателски избори во земјата, изјави денеска портпаролот на ЕК за внатрешни работи, демократија, правда и владеење на правото Маркус Ламерт.

Брисел, 10 март 2025 (МИА) – Европската комисија нема коментар на одлуката на Централната изборна комисија на Романија за отфрлање на номинацијата на екстремно десничарскиот кандидат Калин Ѓорѓеску за учество на мајските претседателски избори во земјата, изјави денеска портпаролот на ЕК за внатрешни работи, демократија, правда и владеење на правото Маркус Ламерт.
- Изборите се национална надлежност и Комисијата не го коментира романскиот изборен процес, кој што е во надлежност на романските власти и на романскиот народ, изјави Ламерт.
Тој додаде дека за спроведување на изборите во една членка на ЕУ одговорни се националните власти на земјата и конечната одлука на гласањето е на нејзините граѓани.
Изјавата на Ламерт се однесува на соопштението на романската Изборна комисија, дека ја отфрла кандидатурата на Ѓорѓеску, без да даде образложение за таквата одлука.
Ѓорѓеску, кој според анкетите на јавното мислење ужива поддршка на околу 40 отсто од романските граѓани, во реакција на одлуката на Икс објави дека таа претставува
„директен удар врз демократијата во светот“. - Европа сега е диктатура, Романија живее под тиранија, наведе Ѓорѓеску во објавата.
Согласно романското законодавство, Ѓорѓеску има право на жалба на одлуката на Комисијата.
Ѓорѓеску освои најмногу, 22,91 отсто од гласовите во првиот круг на претседателските избори во Романија на 24 ноември мината година. На 6 декември, романскиот Уставен суд ги поништи изборите и го откажа вториот круг, со образложение дека имало странско мешање што влијаело врз изборните резултатите.
По ова, нови претседателски избори беа закажани за 4 мај. сп/
Фото: МИА Архива