• недела, 24 ноември 2024

ЕК, Кипар, САД, ОАЕ, Велика Британија и Катар разговараат за заеднички фонд за одржливост на поморскиот коридор до Газа и испраќање втор брод со помош

ЕК, Кипар, САД, ОАЕ, Велика Британија и Катар разговараат за заеднички фонд за одржливост на поморскиот коридор до Газа и испраќање втор брод со помош

Никозија, 14 март 2024 (МИА) – За можноста за формирање заеднички фонд за зајакнување на одржливоста на поморскиот коридор за хуманитарна помош за Газа и испраќање втор брод, разговарале министрите за надворешни работи на Кипар, САД, Обединетите Арапски Емирати, на Велика Британија, заменикот МНР на Катар, комесарот за управување со кризи на ЕК и координаторката за хуманитарна помош и обнова на ОН за Газа на вчерашниот состанок преку видеоконференција, што го свика шефот на кипарската дипломатија, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за надворешни работи на Кипар Константинос Кобос по состанокот рече дека била потврдена заедничката посветеност за промовирање на поморскиот хуманитарен коридор до Газа и продолжување на напорите од инволвираните земји во иницијативата „Амалтиа“.

Паралелно ги објасни и следните чекори за кои се договориле.

-Прво, се разгледува можноста за формирање заеднички фонд за зајакнување на одржливоста на поморскиот коридор, а сме во технички консултации и со тимот на координаторот, како на ОН, така и на ЕУ. Второ, следната недела ќе се одржи состанок на Кипар на ниво на координатори од сите инволвирани држави и организации. Трето, веќе започна процесот на подготовка за испраќање втор брод, со дополнителна хуманитарна помош, објасни Кобос.

По состанокот, учесниците во иницијативата, односно Република Кипар, САД, Обединетите Арапски Емирати, Велика Британија, Европската комисија и Катар излегоа со заедничката изјава, според која министрите се согласиле дека нема замена за копнените патишта низ Египет и Јордан и влезните точки од Израел до Газа за голема испорака на помош, но и дека отворањето на пристаништето Ашдод за пристигнување на хуманитарна помош ќе биде добредојден, а паралелно се обврзале дека ќе ги продолжат активностите со одржување нов состанок на високи претставници во Република Кипар. 

-Министрите одново потврдија дека поморскиот коридор може – и мора – да биде дел од одржливите напори за зголемување на протокот на хуманитарна помош и трговски стоки во Газа преку сите можни канали, вклучително и проширените копнени премини и одржливото воздушно снабдување, во тесна соработка со координаторката Сигрид Каг, која има задача да го олесни, координира, надгледува и верификува протокот на помош во Газа, согласно Резолуцијата 2720 на Советот за безбедност на ОН. Министрите ја истакнаа потребата да се отворат дополнителни премини од Израел за поголема помош да стигне до Газа, вклучително и северна Газа, но и да се олеснат царинските ограничувања за да се олесни зголемениот проток на витална хуманитарна помош, пишува во заедничката изјава.

Во понеделникот, брод со околу 150 тони хуманитарна помош, од Ларнака на Кипар отплови за Газа, што воедно беше и првиот брод во рамките на иницијативата „Амалтиа“ за отворање поморски коридор.ср/

Фото: Министерство за надворешни работи на Кипар

Остани поврзан