ЕК: Кандидатите за членство треба да се усогласат со Повелбата за основните права на ЕУ до датумот на зачленување
- Европската комисија ќе продолжи да ги поддржува земјите кандидати за членство во усогласувањето со стандардите за основните права на ЕУ, со цел тие целосно да се усогласат со одредбите од Повелбата за основните права на Унијата до датумот на зачленување, се наведува во Годишниот извештај на ЕК за примената на Повелбата за 2025 година.
Брисел, 5 декември 2025 (МИА) – Европската комисија ќе продолжи да ги поддржува земјите кандидати за членство во усогласувањето со стандардите за основните права на ЕУ, со цел тие целосно да се усогласат со одредбите од Повелбата за основните права на Унијата до датумот на зачленување, се наведува во Годишниот извештај на ЕК за примената на Повелбата за 2025 година.
- Повелбата за основните права е сржта на Европската Унија, утврдувајќи ги основните права што ги уживаат сите во нашата Унија, соопшти Европската комисија по повод денешното објавување на Годишниот извештај, кој прави преглед на сето она што е направено во земјите членки на ЕУ за нејзино почитување и спроведување.
Во документот се посочува и дека Комисијата обезбедува и поддршка за земјите кандидати за членство во форма на финансиска и техничка помош за усогласување со одредбите од Повелбата за основните права и го следи напредокот што тие го постигнуваат преку годишниот пакет на извештаи за проширувањето.
- Земјите кандидати за членство и државите со кои ЕУ има договори за асоцијација можат да побараат статус на набљудувач во Агенцијата за основните права (ФРА) на Европската Унија, за да им помогне да ги усогласат своите легислативи и политики со законодавството на ЕУ за основните права. Албанија, Северна Македонија и Србија во моментов имаат статус на набљудувачи, а дополнително и други земјите кандидати изразија интерес за негово стекнување, се посочува во Извештајот објавен во пресрет на 25-годишнината од усвојувањето на документот.
Повелбата за основните права на Европската Унија, усвоена на 7 декември 2000 година во Ница, ги обединува граѓанските, политичките, економските и социјалните права во единствен пакет како основни права на Унијата, кои се третираат како вредности што институциите и земјите членки на ЕУ се должни да ги почитуваат и применуваат.
- Во изминатите години беше забележан посилен фокус на унапредување и заштита на основните права низ цела ЕУ. Основните права на Повелбата, со нејзините компоненти на човечкото достоинство, слободи, еднаквост, солидарност, граѓански права и правда, се во сржта на законодавството и политиките на ЕУ, одразувајќи ја нашата заедничка посветеност кон демократско и праведно општество, се вели во Извештајот.
Комисијата посочува дека во изминативе пет години беше усвоено ново законодавство на ЕУ за заштита и промоција на специфични основни права, кое детално ги прецизира некои од обврските на земјите членки за основните права и им дава обврски на засегнатите страни, како што се независните тела за заштита на основните права и граѓанското општество, да ја поддржат примената на Повелбата.
- Напредокот во заштитата на основните права не може да се земе здраво за готово. Механизмите за заштита на овие права мора да останат функционални во секое време и потребни се постојани напори на сите нивоа за да се обезбеди и зајакне заштитата на правата од Повелбата. Овогодишниот извештај за Повелбата дава важна можност да се направи преглед на напредокот во спроведувањето на Повелбата. Тој, исто така, ги истакнува преостанатите предизвици во овој поглед и идентификува каде се потребни понатамошни напори, предлагајќи области за подобрување и поддржувајќи посилна соработка меѓу институциите на ЕУ, земјите членки и другите засегнати страни, се додава во документот. сп/ми/
Фото: Европски парламент