• недела, 24 ноември 2024

ЕК достави „Изјава за приговор“ на влезот на „Луфтаханза“ во „ИТА Ервејс“ 

ЕК достави „Изјава за приговор“ на влезот на „Луфтаханза“ во „ИТА Ервејс“ 

Брисел, 25 март 2024 (МИА) - Европската комисија денеска соопшти дека доставила „Изјава за приговор“ до германската авиокомпанија „Луфтаханза“ и италијанското Министерство за економија и финансии со која ги информира дека смета оти нивната планирана заедничка контрола над авиопревозникот „ИТА Ервејс“ може „да ја ограничи конкурентноста на одредени летови на пазарот за услуги за воздушен транспорт на патници во и надвор од Италија“.  

Италијанското Министерството во моментов е единствен акционер во „ИТА Ервејс“ во име на Владата на Италија, а со планираниот договор се предвидува влез на „Луфтханза“ во сопственичката структура на италијанскиот државен авиопревозник.  

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Комисијата изразува загриженост дека поради ваквата трансакција патниците може да се соочат со зголемени цени или намален квалитет на услугите. Вкупниот годишен приход од летовите кои би биле засегнати со оваа трансакции е околу три милијарди евра.   

Според Комисијата, ваквата аквизиција би можела да ја намали конкурентноста на некои линии на кратки релации од италијанските аеродроми до земјите во Централна Европа и на долги линии од Италија до САД, Канада и Јапонија, како и да ја зајакне доминантната позиција на „ИТА Ервејс’ на миланскиот аеродром, што би можело да им отежне на конкурентите да обезбедуваат услуги за патнички авиотранспорт од и до Милано. 

„Изјавата за приговори“ е формален чекор во рамки на истражна постапка, со што Комисијата писмено ги известува засегнатите компании за нејзините забелешки на најавена трансакција. Испраќањето „Изјава за приговори“ не го прејудицира исходот од истрагата.  

„Луфтханза“ и италијанското Министерство сега имаат можност да одговорат на „Изјавата за приговори“ на Комисијата, како и да побараат усна расправа по забелешките. Тие, исто така, можат да предложат правни инструменти за надминување на проблемите со конкуренцијата идентификувани од страна Комисијата најдоцна до 26 април 2024 година. 

Европската комисија кон крајот на јануари започна истрага за проверка на усогласеноста на ова спојување со Регулативата за здружување на ЕУ.  

„Луфтханза“ и „ИТА Ервејс“ управуваат со широка мрежа на линии од нивните центри во Австрија, Белгија, Германија, Швајцарија и Италија. „Луфтханза“ има заеднички инвестиции со „Јунајтед Ерлајнс“ и „Ер Канада“ за трансатлантските линии, како и со „Ол Нипон Ервејс“ за летови до Јапонија. Партнерите во заедничкото вложување се координираат за цената, капацитетот, распоредот и приходите од акциите. 

На одредени такви линии, „Луфтханза“ и „ИТА Ервејс“ се директни ривали со ограничена конкуренција, првенствено од нискобуџетните авиопревозници, како што е „Рајанер“, кои најчесто оперираат од пооддалечени аеродроми.  

„ИТА Ервејс“ е формирана од страна на италијанската држава во октомври 2020 година, како авиокомпанија за домашен и меѓународен патнички и карго воздушен транспорт. Компанијата е членка на авиоалијансата „СкајТим“ и нејзини главни центри се Рим и Милано.  

Германската „Луфтханза“ е глобален превозник на домашни и меѓународни летови во патничкиот и товарниот транспорт, со центри во Франкфурт, Минхен, Цирих, Виена и Брисел. Нејзини подружници се авикомпаниите „Аустриан Ерлајнс“, „Брисел Ерлајнс“, „Јуровингс“, „Свис Интернешанл Ерлајнс“ и „Ер Доломити“. „Луфтханза“ е членка на групацијата „Стар Алијанс“ заедно со „Јунајтед Ерлајнс“ и „Ер Канада“.  

Еврокомисијата треба да ја заврши истрагата најдоцна до 6 јуни. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан