• сабота, 23 ноември 2024

ЕК: Грузија мора да го промени курсот пред да започне преговори за членство во ЕУ

ЕК: Грузија мора да го промени курсот пред да започне преговори за членство во ЕУ

Брисел, 30 октомври 2024 (МИА) - Европската комисија и порача на Грузија дека нема да може да препорача почеток на преговорите за членство во ЕУ доколку земјата не го промени курсот, истовремено пофалувајќи ги напорите на Украина и Молдавија да ги спроведат реформите во тешко опкружување, јавија британските медиуми.

Грузиската владејачка партија, Грузиски сон, за која многу западни влади наведуваат дека секојдневно станува сè промосквска, победи на парламентарните избори во саботата што беа нарушени со извештаи за нерегуларности во гласањето, додека Молдавија неделава се подготвува за втор круг од претседателските избори во кои прозападниот претседател се соочува со кандидат поддржан од традиционално проруска партија.

Во годишниот извештај за политиката на проширување на Унијата, ЕК повтори дека „процесот на пристапување на Грузија е ефективно закочен“ поради фактори како што е законодавството кое бара организациите кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странство да се регистрираат како агенти на странско влијание и „силно антиевропски наративи“.

Цитирајќи ги извештаите на меѓународните набљудувачи за заплашување гласачи и процедурални нерегуларности на изборите во Грузија, ЕК оцени дека на земјата и требаат изборни реформи и „дека конструктивен и инклузивен дијалог низ политичкиот спектар сега е од огромно значење“.

Извештајот укажува на напредок во Украина и Молдавија, кои ги започнаа пристапните преговори претходно годинава, но забележува дека треба да се направи многу повеќе.

„И покрај напредокот во клучните реформи, потребни се дополнителни напори“, наведе ЕК во врска со процесот во Украина. Во Молдавија, според неа, потребни се дополнителни напори за спроведување на планот за „деолигархизација“.

ЕК наведе дека „со нетрпение очекува почеток на преговорите по кластери, почнувајќи од темелните прашања, што е можно поскоро во 2025 година“ и за двете земји, секако, доколку ги исполнат условите.сд/

фтоо:МИА архива

Остани поврзан