• среда, 18 декември 2024

Експлозии во клучните украински градови во масовен руски ракетен напад

Експлозии во клучните украински градови во масовен руски ракетен напад

Киев, 17 ноември 2024 (МИА) - Експлозии ја потресоа украинската престолнина Киев и други градови, а соседна Полска ја зголеми тревогата за авиони во раните утрински часови денеска откако двете земји пријавија масовен руски ракетен напад.

-Поради масовниот ракетен напад на Русија со крстосувачки и балистички ракети и со беспилотни летала врз цели лоцирани особено во западна Украина, полските и сојузничките авиони почнаа да оперираат во нашиот воздушен простор, објави на социјалната мрежа „Х“ оперативната команда на вооружените сили на Полска.

Се додава дека „сите расположливи сили и ресурси се активирани, борбените авиони се ставени во готовност, а копнените средства за воздушна одбрана и радарски надзор се ставени на највисоко ниво на подготвеност“.

Експлозии одекнаа во југоисточниот украински град Запорожје, изјавија очевидци, а украинските воздухопловни сили прогласија воздушен тревога на целата територија на Украина, но обемот на нападот останува нејасен. Градоначалникот на Одеса на Црното Море, Генадиј Труханов, пријави силни експлозии и додаде дека делови од градот се без струја.

Воздухопловните сили ги повикаа жителите да се засолнат во засолништа за бомби и посочија дека неодреден број проектили, вклучително и разни видови крстаречки ракети, летаат во украинскиот воздушен простор.

Украинските власти објавија дека како мерка на претпазливост ја исклучиле струјата во голем број региони, вклучувајќи го и Киев.

Ракетниот напад уследи по полноќен напад со дрон врз главниот град на Украина. Паѓањето на остатоци предизвикало пожар на покрив на станбена зграда, а најмалку едно лице е повредено, објави градската управа на апликацијата Телеграм.

-На местото на настанот се испратени екипи на итната помош, изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.

Во јужниот град Николаев две жени загинаа, а шест лица се повредени, меѓу кои две деца, во полноќен напад со беспилотно летало, објави на Телеграм претседателот на регионалната воена администрација Виталиј Ким.

Украина со недели е во состојба на готовност поради стравувањата од можен голем руски напад со наближување на зимата. Претходните напади беа насочени кон електричната мрежа, оставајќи големи делови од Украина во мрак. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан