• среда, 13 ноември 2024

Експерт на ОН ги поздравува напорите во Северна Македонија и Германија за репатријација, реинтеграција и гонење на државјаните повратници од Сирија и Ирак

Експерт на ОН ги поздравува напорите во Северна Македонија и Германија за репатријација, реинтеграција и гонење на државјаните повратници од Сирија и Ирак

Скопје, 13 јули 2023 (МИА) - Експерт на Обединетите нации ги поздрави суштинските напори на Германија и Северна Македонија за решавање на сложената ситуација во која се наоѓаат нивните граѓани повратници од конфликтните зони, особено од Арапската Република Сирија, преку нивна репатријација, реинтеграција и гонење.

Специјалниот известувач на ОН за унапредување и заштита на човековите права и основните слободи во борбата против тероризмот, Фионула Ни Аолаин, која беше во посета на двете држави, а во земјава престојуваше изминатава недела, рече дека земјите како Германија и Северна Македонија покажаа дека репатријацијата не е само возможна, туку и практична.

Како што соопшти Канцеларијата на ОН во Северна Македонија, таа ги истакна тешките услови во камповите и затворите во североисточна Сирија каде овие лица масовно и произволно се затворени, особено нагласувајќи ги тешките последици по ранливите деца коишто и понатаму се затворени без пристап до образование, здравствена заштита, безбедност и други основни права.

-Ги поздравувам напорите на Германија за поттикнување на енергичен и стручен ангажман на граѓанското општество во процесите на откажување, дерадикализација и реинтеграција, што покажува колку е важно да се има пристап што го вклучува „целото општество“ за враќањето на овие лица, како и пристап кој е заснован на човековите права и кој овозможува сеопфатна и нестигматизирачка реинтеграција во општеството, рече таа.

Специјалниот известувач истакна дека Северна Македонија започна со изработка на модел за реинтеграција во заедницата врз основа на мултидисциплинарна експертиза со вклучување на социјални работници, клинички психолози и претставници од безбедносниот сектор со цел семејствата, особено жените и децата, целисходно да се реинтегрираат во нивните заедници.

Експертот истакна дека е важно гонењето за меѓународните злосторства со разорно дејство извршени од страна на ИСИС во Сирија и Ирак да се врши во согласност со начелата за владеење на правото. Таа го поздрави иновативниот и уникатен пристап на Германија во постапувањето по меѓународните кривични дела и видливата подготвеност на земјата за премостување на огромниот јаз во неказнивоста на злосторствата извршени од страна на ИСИС.

-Изрично повикувам на репатријација на мажите и жените од Германија и Северна Македонија, за да се осигуриме дека напорите за враќање и отчетност и понатаму ќе продолжат, рече таа.

Ни Аолаин рече дека двете земји мора и понатаму будно да внимаваат на тоа дали политиките и практиките за борба против насилниот екстремизам поврзани со враќањето и реинтеграцијата се навистина усогласени со стандардите за човековите права. Таа изрази загриженост дека некои напори за реинтеграција во пракса, наместо да спречат, можат да предизвикаат стигма и отфрлање на повратниците од општеството.

-При гонењето и судењето на повратниците мора да се постапува во согласност со меѓународните стандарди за фер и правично судење, казните мора да бидат пропорционални и условите во казнено-поправните установи мора да бидат соодветни, со цел на повратниците да им се даде подеднаква можност за рехабилитација и реинтеграција во општеството, рече експертот на ОН.

Специјалниот известувач го поздрави проактивниот пристап на двете влади кон ова сложено правно и политичко прашање, што претставува значаен пример за другите држави во поглед на олеснување на враќањето и реинтеграцијата на нивните граѓани од конфликтните зони, вклучувајќи ја и Сирија. нд/ев/

Фото: МИА архива

Остани поврзан