• четврток, 26 декември 2024

Експерти на ОН предупредуваат на раст на политичките притисоци во Венецуела пред претседателските избори

Експерти на ОН предупредуваат на раст на политичките притисоци во Венецуела пред претседателските избори

Женева, 20 септември 2023 (МИА) – Експерти за човекови права на ОН денеска посочија дека венецуелската Влада ги интензивирала напорите за ограничување на демократските слободи користејќи закани, надзор и малтретирање пред претседателските избори што ќе се одржат следната година.

Меѓународната мисија за утврдување факти, назначена од Советот за човекови права на Обединетите нации, во својот најнов извештај нотира дека насилната репресија што траеше од 2017 година беше олеснета од 2019 година, пред се, поради избувнувањето на епидемијата „Ковид-19“, но дека политичкиот притисок повторно се зголемува пред претседателските избори во 2024 година.

Тие посочија дека на тројца кандидати на опозициската Унитарна платформа: Енрико Каприлес, Марија Корина Мачада и Фреди Суперлан, им е забрането учество на изборите, додека на  други истакнати личности веќе им е забрането да извршуваат политички функции.

Експертите наведуваат дека владата ја ограничила работата на застапниците за човекови права, синдикатите, медиумите и политичките партии со надеж дека ќе ја „замолчи, обесхрабри и задуши“ секоја опозиција во земјата.

Една од членките на мисијата, Патриша Тапата Валдес, изјави дека недостатокот на независност на судските и изборните власти „ја задушува политичката дебата“.

Опозициските фракции одржуваат политички прелиминарни избори и покрај ограничувањата на изборниот процес, за кој независните набљудувачи велат дека ја фаворизира партијата на Мадуро.

Во Венецуела владее економска криза и висока инфлација, поради што повеќе од 7,3 милиони луѓе ја напуштиле земјата. сд/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан