• среда, 25 декември 2024

Експерти: Европа влегува во нов коронавирус бран

Експерти: Европа влегува во нов коронавирус бран
Женева, 12 октомври 2022 (МИА) -  Здравствените власти во Европа велат дека показателите укажуваат на уште еден бран на инфекција со Ковид на овој континент, јави Анадолија. „Иако не сме таму каде што бевме пред една година, јасно е дека пандемијата на Ковид-19 сè уште не е завршена“, се вели во заедничката изјава на Стела Киријакидес, европска комесарка за здравје и безбедност на храна, Ханс Клуге, регионален директор на Светската здравствена организација за Европа и Андреа Амон, директорка на Европскиот центар за превенција и контрола на болести. Тие констатираа дека повторно се бележи пораст на показателите во Европа, што укажува дека започнал уште еден бран на зарази, скренувајќи внимание на можното повторно појавување на грипот со доаѓањето на есента и зимата. Во соопштението се истакнува дека милиони луѓе ширум Европа сè уште не се вакцинирани против Ковид-19. „Европските земји треба да вложат максимални напори да стигнат до невакцинираните, за да добијат и дози од вакцината против Ковид-19, а во исто време да дадат дополнителни дози на приоритетните групи, согласно националните препораки“, се наведува во заедничката изјава. Беше истакнато дека е важно здравствените работници, лицата над 60 години, бремените жени, како и лицата чии постоечки болести го зголемуваат ризикот од потешки форми на болеста во случај да се заразат, да се вакцинираат против грип и Ковид-19. ссм/

Остани поврзан