• четврток, 26 декември 2024

Еко-свест: НЕ за нови рудници за лигнит и јаглен

Еко-свест: НЕ за нови рудници за лигнит и јаглен
Скопје, 1 април 2022 Еко-свест најостро ги осудува најавите за отворање на нов рудник за лигнит во Живојно, во општината Новаци. Овој проект е неприфатлив од еколошки, енергетски и економски аспект, а е спротивен со сите стратегии и декларираните заложби на државата. Откако на листата на пријавени проекти за Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан [1] се најде и рудникот за лигнит Живојно [2], првата претпоставка беше дека тоа е ненамерна грешка и остаток од некои стари планови што потекнуваат од пред изработката на Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година. Но, сега и директорот на компанијата во државна сопственост АД ЕСМ во изјава за медиуми најавува дека активно се работи на отварање на рудникот и дека биле преземени конкретни чекори во 2021 година. По ваквата најава, со кратко истражување се откри дека АД ЕСМ веќе неколку години, во период и пред енергетската криза, доделило неколку тендери за изработка на документација за отворање на рудникот. Во 2019 година е доделен тендер за изработка на главен рударски проект и оцена на влијанието за животната средина [3]; во 2020 година за геотехнички истражувања за одлагалиште на јаловина од рудникот [4] и во 2021 година за елаборат за експлоатација [5]. Сето ова се случува во период кога се изработува и усвојува Стратегијата за развој на енергетиката до 2040г. и се работи на Националниот план за енергија и клима - плански документи што јасно укажуваат на потребата од забрзана енергетска трансформација и оддалечување од употребата на фосилни горива, а со кои ја поставија земјата како лидер во рамки на Енергетската заедница во однос на плановите за трансформација на енергетскиот сектор. Независно дали ваквите преземени чекори и најавите за отворање на нов рудник се самостојна иницијатива на АД ЕСМ или се направени во координација со Владата и Министерството за економија, ваквото однесување во енергетскиот сектор е недозволиво. „Едно е да се направи интервентен увоз на јаглен за да се пребродат неколку месеци од енергетската криза, но сосема друго е целосно да се поткопаат сите обиди за енергетска и праведна транзиција. Отворање на нов рудник само ќе ја влоши ситуацијата произлезена од триестетгодишното неспроведување на плановите во енергетскиот сектор и од одложувањето на искирустувањето на новите обновливи извори на енергија, како што се сонцето и ветерот“, изјави Невена Смилевска од Еко-свест. За земјата конечно да ја фати правилната насока, треба активно да работи на праведната транзиција и постепено намалување на вработените во рудниците за лигнит, а не да се отвораат нови рудници. „Сите инвестиции во енергетскиот сектор што ќе се преземаат од денес натаму мора да бидат во согласност со обврските од стратегиите и меѓународните договори.. Времето на одобрување и реализација е исто, нема оправдана причина да се троши време, капацитети и финансии за проекти што ќе не вратат многу чекори назад и ќе продолжат да ја трујат животната средина и населението“, дополни Давор Пехчевски од Еко-свест. Еко-свест ————————————————————————————————————————— МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.  

Остани поврзан