• сабота, 23 ноември 2024

Еко-свест испрати писмо со предлози до новата Влада за заштита на животната средина

Еко-свест испрати писмо со предлози до новата Влада за заштита на животната средина

Скопје, 20 мај 2024 (МИА) - Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест Скопје денеска испрати писмо со предлози за новата влада, кои како што велат, ќе придонесат кон видно подобрување на квалитетот на живот и благосостојба на луѓето и мора да станат главен приоритет за новата Влада. 

- Здравата и чиста животна средина, која е уставно загарантирано право на секој граѓанин на Македонија, зачувувањето на природата и подобрувањето на еколошките стандарди, како и амбициозните мерки за климатска акција кои ќе придонесат кон видно подобрување на квалитетот на живот и благосостојба на луѓето мора да станат главен приоритет за новата Влада, се вели во соопштението.

Еко-свест, како што наведуваат, го дава својот приднес кон програмата на новата Влада и ги образложува мерките за секоја од компонентите за заштита и унапредување на животната средина.

Како приоритети ги наведува важноста за преземање мерки и активности насочени кон декарбонизација и климатска акција, обезбедување на „паметна“ енергија за сите, расчистување на историските жешки точки, подобрување на квалитетот на воздух, обезбедување на соодветна заштита за природата и водите и реализација на проектите кои ќе овозможат развој на циркуларната економија во земјата.

Според нив, граѓаните во последната деценија станаа видно загрижени за состојбите со животната средина бидејќи  тие влијаат врз нивното здравје. Потребно е во новата Влада, како што нагласуваат, фокусот да се стави на заштитата на човекото здравје преку заштита и унапредување на животната средина, како и зголемување на стандардите кои ќе придонесат кон превенција на загадувањето на природата.

- Секоја политика и одлука која влијае врз животната средина, е политика која влијае на нашето здравје. Носењето одлуки во интерес на заштитата на здравјето на граѓаните на Македонија треба да е врвен приоритет на новата Влада која ќе се формира по Парламентарните избори 2024 година, се вели во писмената изјава на Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест. 

Од Здружението Еко-свест додаваат дека со своите стручни познавања стекнати во текот на 22 години работа на полето на заштита на животната средина и климатска акција се отворени за дискусија и помош во имплементација на најдобрите политики и мерки во овие области. мд/са/

Фото:

Остани поврзан