• четврток, 26 декември 2024

Екологистите бараат Стратегијата за рударство да се темели на конкретни еколошки принципи и начела

Екологистите бараат Стратегијата за рударство да се темели на конкретни еколошки принципи и начела

Скопје, 10 октомври 2024 (МИА) - Вкупно 49 граѓански организации и институции од секторот животна средина денеска на прес-конференција побараа средба со надлежните институции, со цел, како што посочија, да се гарантираат еколошки параметри во Предлог-стратегијата за рударство 2025-2045, која се подготвува за усвојување. Бараат Стратегијата за рударство да се темели на конкретни еколошки принципи и начела, а барањето го доставија до премиерот и до министерката за енергетика, рударство и минерални суровини.

Како што посочија, екологистите тргнуваат од нивната мисија да ја заштитат животната средина, биодиверзитетот и здравјето на луѓето и бараат внимателно и одржливо трошење на минералните суровини. Порачаа дека државата треба да тргне од врвниот јавен интерес за обезбедување здрав и квалитетен живот за граѓаните, а рударство, како што нагласија, може да има онаму, кај што не ги загрозува населбите
и биодиверзитетот. 

-Тоа значи не во дворовите на луѓето, не во нивите, не покрај водите, не во заштитени подрачја. Екологистите велат не за „рударскоцентричен концепт“ и промоција на Македонија како „рударска земја“, зашто е во колизија со сите македонски и европски стратешки документи за зелена енергија, циркуларна економија, зелена инфраструктура, заштита на животната средина и климатска акција! Неконтролирана рударска експанзија би ги загрозила сите други стопански сектори и би ги поништила сите инвестиции во Македонија како туристичка и земјоделска земја со производство на здрава храна и вино, велат екологистите. 

Со оглед на големината на земјата, рељефот и хидролошката мрежа, додаваат, потенцијалните еколошки хаварии може да се прошират низ цела држава.

Екологистите се противат на рудници во заштитени подрачја и подрачја кои се во фаза на заштита (Кожуф, Огражден, Беласица, Јакупица, Јабланица); на рудници на 5 километри од населено место или од заштитено подрачје, зашто е забранета загадувачка индустрија на тоа
растојание; на обнова на старите рудници и отворање нови во места кои се веќе еколошки оптоварени со старо историско загадување, за кои тоа би значело дополнителни здравствени проблеми за жителите, со ново загадување на воздухот, водата и почвата (Пробиштип, Лојане).

Од институциите бараат конечно да пристапат кон санација и рекултивација на старите рудници, со решавање на еколошките проблеми, заради заштита на здравјето и животната средина, но и заради подигање на довербата во институциите за одговорно однесување во рударството. Исто така, се бара грижа за еколошките мрежи за заштита на биодиверзитетот, посебно на дивиот свет и природните живеалишта, за кои сме зеле обврски како држава (Емералд, НАТУРА 2000). Апелираат на затворање на ископите на јаглен, и конечно усогласување на енергетичарите, рударите и екологистите, од аспект на климатските планови. Се бара и да се донесе најавената законска регулатива што е неопходна за, како што велат, да може да има издржана стратегија за рударство.вј/са/

Фото: Екологисти 

 

Остани поврзан